Целта на проектот на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид беше да се рекогносцираат локациите за кои постоеја индиции за археолошки локалитети и поединечни наоди
Кон крајот на октомври успешно беше реализиран проектот „Подводно археолошко рекогносцирање на делови од источниот брег од Охридско Езеро“, чиј носител е Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид. Целта на проектот беше да се рекогносцираат локациите за кои постоеја индиции за археолошки локалитети и поединечни наоди, да се дефинираат нивните граници, да се позиционира нивната географска местоположба со помош на џипиес-уреди, но и да се откријат нови локалитети, со крајна цел нивно запишување во националниот регистар на културното наследство во Македонија.
– Потребата за проект од овој тип произлезе од интересот на домашни и странски гости за авантуристички туризам, односно преку нуркачки активности да се посетуваат атрактивни локации во водите на Охридско Езеро. Проектот имаше и заштитен карактер, бидејќи со прогласувањето на локалитетите и поединечните наоди за културно наследство, тие ќе бидат заштитени од нелегални посети и активности. Покрај рекогносцираните делови кај с. Пештани и с. Трпејца, особено внимание привлекоа наодите на две локации во околината на локалитетот Плоча Миќов Град, откриени при слободни нуркачки активности на членови од нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид – велат од Заводот за заштита на спомениците на културата и од музеј – Охрид.
Во првиот случај станува збор за три фрагментирани керамички садови за складишна употреба – питоси, лоцирани на длабочина од 45, 35 и 5 м под површината на водата, а во вториот случај тоа е наодот на градежна керамика, односно покривни тегули од лаконски тип, откриени на длабочина од 19,5 м. Тегулите од лаконски тип биле во употреба долг временски период низ антиката, но во конкретниов случај станува збор за тегули со потекло од доцната антика, првпат откриени во водите од Охридско Езеро. И во двата случаја оддалеченоста на предметите, на 70 – 100 метри од брегот на езерото, укажува на фактот дека тие биле транспортирани по вода со некаков пловен објект, а од засега непознати причини биле истоварени на овие места.
– Ова рекогносцирање дава првична слика за она што се случува со овие локалитети и наоди, со што се добива појдовна точка во размислувањето за нивната иднина, која, секако, ќе опфаќа дополнителни археолошки истражувања, со крајна цел дополнувaње на сликата за животот во крајбрежниот појас од Охридско Езеро од праисторијата до денес – вели раководителот на проектот Бојан Танески, археолог и виш кустос.
Јован Секулоски, нуркач од „Амфора“
Пронаоѓањето артефакти е највозбудливиот дел од нуркањето
Нуркачите Јован Секулоски, Милутин Секулоски и Валентина Тодороска, предводени од Бојан Таневски, учествуваа во проектот „Подводно археолошко рекогносцирање на делови од источниот брег од Охридско Езеро“.
– За време на истражувањето беа направени десет нуркања. Се нуркаше на четири различни локации. Но на две места лоциравме побогати откритија. Нуркавме во околината на Пештани, во Заливот на коските, но надвор од постојните граници, односно лево од постојниот Залив, во Трпејца и во Струга, каде што не најдовме ништо особено. Длабочините на кои се изведуваа нуркањата се на минимална длабочина од пет метри, а достигнувавме и до 45 метри. Нуркањата на помала длабочина не претставуваа проблем. Но на 45 метри длабочина беше специфично. На оваа длабочина е темно, ладно, има струења и не може да се остане долго. Лимитирани бевме затоа што дишевме воздух под притисок. Ограничени бевме колку можевме да останеме и затоа моравме да бидеме брзи. Благодарение на нуркачките компјутери што ги имаме, можевме тоа да го мониторираме, односно за кратко време да сме максимално ефикасни во документирањето на археолошките пронајдоци – вели Јован Секулоски, претседател на нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, инструктор за подводна археологија и еден од учесниците во истражувањето.
Тој додава дека проектот е професионално завршен. Локациите за кои постоеле индиции за археолошки наоди се извидени или рекогносцирани, дефинирани им се границите, позиционирани се со помош на џипиес и, што е најважно, впишани се во националниот регистар на културното наследство на Македонија, а со тоа и заштитени.
– Ние речиси секој ден нуркаме и откриваме разни артефакти, наоди, локации, забележуваме разни предмети под вода, потоа ги пријавуваме и создаваме материјал за истражување. На тој начин придонесуваме ова богатство да се заштити. Секој нов аспект откриен под вода е возбудлив, во длабочините владее мистериозност. Интересно е и што на многу места наоѓаме артефакти што датираат од различен период, за што може дополнително да се направи еден „тајмлајн“ од вакви предмети. Тоа е вистинско и непроценливо богатство, највозбудливиот дел од нуркањето – додава Секулоски.
И како што велат подводните истражувачи, новооткриените локации не се за почетници, туку за искусни сертифицирани нуркачи, предводени од сертифицирани водичи.