Сите мора да поминеме низ оваа ситуација, вели Германецот Јирген Клоп (53) во интервјуто во кое повикува и на поголема меѓусебна чувствителност и разбирање за време на пандемијата на ковид-19, а зборува и за совршенството во фудбалот, за закрепнувањето, за сезоната, за Диого Жота…
ФУДБАЛ – ИНТЕРВЈУ НА ЈИРГЕН КЛОП ЗА УЕФА
Сите мора да поминеме низ оваа ситуација, вели менаџерот на шампионот во англиската Премиер-лига, Ливерпул, Германецот Јирген Клоп (53) во интервјуто за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА), повикувајќи на поголема меѓусебна чувствителност и разбирање за време на пандемијата на ковид-19.
Клоп го предводеше Ливерпул до триумф во Лигата на шампионите (ЛШ) во 2019 година, а потоа годинава и до првата титула за клубот во Премиер-лигата по 30-годишна пауза. Сепак, и покрај тоа, тој останува амбициозен, велејќи дека неговите тимови никогаш не се доближиле до фудбалското совршенство. Клоп додава и оти сака да го намали притисокот врз своите играчи за време на оваа сезона во која доминира коронавирусот.
ЗА ЦЕЛИТЕ СЕЗОНАВА: Ова не е сезона, ова не е време во животот кога треба да се ограничите, на позитивен или на негативен начин, со цели. Едноставно, сите мора да поминеме низ оваа ситуација. За играчите е неверојатно интензивно тоа што го прават. Сите сме среќни што играме. Одлично е, фантастично, но сето тоа е на грбот на фудбалерите. Тие треба да играат добро. Го гледате мечот и ако тие не играат добро, си мислите: „Тоа не е баш добро“! Не размислувате за тоа низ што минуваат во текот на неделата, бидејќи сите имаме нормален живот, покрај натпреварите. Тоа е исто речиси за сите нас, кога не можете да се гледате со пријателите, кога не можете да се гледате со вашето семејство и сите тие работи. Закрепнувањето не е само спиење, тоа не е само третман. Всушност тоа е кога си давате малку слобода да размислувате за работите за кои сакате да размислувате, а не за тоа што треба да размислувате. Во моментот најголемиот проблем е што немаме доволно време и поради тоа сите сме мошне напнати. Не помага кога имате натпревари на секои три дена и кога треба да одиграте најдобро што можете, вели Клоп.
ЗА ДОСТИГНУВАЊЕ СПОРТСКО СОВРШЕНСТВО: Како човек, како личност, веројатно првото нешто што го сфатив, и што многу ми помогна во животот, е дека не треба да тежнеам кон совршенството, затоа што не е можно. Јас дури и не се обидов. Едноставно, секогаш се трудев да го постигнам најдоброто што можев, и да бидам искрен, никогаш не бев ни блиску до совршенството. Со фудбалот е истото. Значи, секогаш се обидуваме да бидеме што подобри, но совршенство… Никогаш не го видов тоа, а гледам многу фудбал. Сѐ додека не сте совршени, имате простор за подобрување, што е убаво и ви дава желба да ги пребродите сите предизвици со кои се соочувате за време на фудбалската сезона, во фудбалската кариера или во животот. Значи, не сум специјалист за совршенство, очигледно, веројатно е спротивното, но, сепак, се обидувам да им помогнам на моите момчиња да бидат уште подобри, да стигнат што е можно подалеку. Има толку многу простор за подобрување. На тоа работиме. Но додека се обидувате да се подобрите, никогаш не треба да заборавите во што веќе сте добри и тоа да го искористите. Тоа е она што го правиме и ние. Значи, не е задолжително секое утро да повторувате: „Мора да се подобруваме, мора да се подобруваме“. Не, знаеме дека некои работи се толку добри што понекогаш е доволно само да ги повторуваме постојано на теренот, вели Клоп.
ЗА ДИОГО ЖОТА: Диого ми се допадна кога го видов на првиот натпревар во дресот на Вулверхемтон. Тој немаше идеја за тоа, очигледно, но за мене секогаш беше јасно дека кога тој ќе биде достапен, јас ќе тргнам по него. Тој е многу, многу интересен, имаше возбудлива кариера, сѐ што направи, од каде потекнува, потезите… Ми се допаднаа дисциплината, креативноста, желбата што ја покажа. Неговите вештини и онака се мошне добри, така што постоеја многу добри знаци и пред да го ангажираме дека тоа може да успее, рече Клоп.