Бодо/Глимт ја освои норвешката титула првпат во нивната 104-годишна историја и стана првиот првак од Арктичкиот круг, а е на пат да собори и цела низа рекорди во норвешкото првенство, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ – БОДО СТАНА ПРВАК НА НОРВЕШКА

Во Првата фудбалска лига влезе во 2017 година, речиси испадна во 2018 година и стана шампион во 2020 година. Норвешка можеби го имаше своето фудбалско чудо како Лестер во Премиер-лигата на Англија, пишува „Би-би-си“. Бодо/Глимт ја освои норвешката титула првпат во нивната 104-годишна историја и станаа првиот првак од Арктичкиот круг.
Со тим составен со многу помал буџет од многу нивни ривали и со гледачи што носат големи жолти четки за заби на мечевите, нивниот успех предизвика внимание, пишува „Би-би-си“. По победата во 25. коло над Стромсгодсет, со 2-1, тимот оствари недостижни 18 бода предност пред најблиските конкуренти, на пет натпревари до крајот на сезоната во норвешкиот шампионат и можеби ќе собори и неколку рекорди во норвешката фудбалска лига.
Клубот помина седум од изминатите 15 сезони во втората фудбалска лига на Норвешка. За три бода пред две години опстана, пред да заврши на второто место минатата година, и сега го освои шампионскиот трофеј, по единствените други успеси со освојувањето на Норвешкиот фудбалски куп во 1975 и во 1993 година.
Бодо, кој треба да настапи во квалификациите за Лигата на шампионите за селената сезона, е на пат да собори цела низа рекорди во норвешкото првенство, за најмногу бодови (му недостигаат три бода), постигнати голови (уште четири гола), победи во една сезона (една победа) и за најголема бодовна разлика на шампионот до најблискиот конкурент (досегашниот рекорд е 15 бода).

Мечевите на гости вклучуваат многу патувања за Бодо/Глимт. Географски најблискиот тим до нив е Розенборг, кој се наоѓа на девет и пол часа возење на југ, во Трондхајм. Позицијата на Бодо e во северна Норвешка, веднаш внатре во Арктичкиот круг, во град што привлекува и туристи што сакаат да ја видат Аурора бореалис, а новиот норвешки фудбалски првак може да има друштво од северна Норвешка во следната сезона во Првата лига, откако Тромзо, нивниот „сосед“, кој е на уште 500 км на север, е блиску до пласман во Првата лига, пишува „Би-би-си“.