Велепредавство!

Со години, како статисти или публика следиме куклен театар во кој главните ликови се креираат и/или елиминираат според желбата на главните сценаристи и режисери. Додека најголемиот дел од македонската јавност се занимава со детална анализа на последното интервју на еден ступиден (според негови зборови, црпнат) човек, кој е (не)случајно одбран како најдобар егзекутор од позицијата премиер на овој протекторат, не ги гледа многу поважните нешта. Од колосалнава цепаница не се гледа шумата. Нештата кажани во интервју се навреда по ампутација. Мазохистички е да се вџашуваш од интервју по сè што е реално сторено. По Преспа нема каење… Но на оваа масовна хистерија, како што обично бива, се приклучуваат (во случајов, наводно леви) интелектуални тврдокорни бранители на ликот и делото на Заев (во филмски жаргон би рекле die hard или à bout de soufflé, до последен здив). Го бранат неодбранливото и повикуваат на самокамшикување, а потоа самозапалување – во име на некакви наводни европски вредности. За да биде комплетно, од долгогодишна самоизолација излезе и Бранко Црвенковски, кој бара партиски суд за човекот на кој, откако го аболицира од милионски криминал, му ја предаде (банкротираната) партија. Поентата е: не се разбуди поранешниот претседател на државата (бидејќи тој тоа едвај и да беше), туку бившиот претседател на СДСМ. Партиските војници не одговараат пред државни судови, само пред партиски.

Од општата какофонија, како поразумен ми се издвои еден коментар (на Зеколи): „Мислам дека НАТО (не Столтенберг) и Пентагон треба да погледнат подлабоко и да организираат интервентна дискусија со Зоран Заев. Додека не стане предоцна. Неволјата веќе се наѕира на хоризонтот.“ Да се разбереме, јас не мислам дека е ова работа за НАТО и Пентагон, дури и ако Заев е „нивниот кучкин син“ (our son of a bitch, како што љубат да кажат Америте), но точно е дека нивниот играч се преигра и дека е контрапродуктивен. Се заканува да го урне сето она што беше изградено со инструкции заради остварување на нивните геополитички интереси. Подготвен да нè стави в шише, не гледа дека в раце има Молотов коктел. Неволјата над хоризонтот не мораше Касандра да ја предвидува уште во летото 2017 и 2018 година. Сè беше и е како во самоисполнувачко пророштво. Нè правеа луди, небањати, задрти, националисти… за да нè замолчат, затоа што наводно не било прогресивно да си интелигентен и патриот. Прагматични луѓе како Американците, оперирани од историја (всушност, аисторични и некомпетентни кога станува збор за сложените констелации во Европа и особено на Балканот), посегаат по „бум, бум, трес“ решение за македонското прашање. Тоа е својствено за нив, бидејќи други живеат со последиците на нивните операции на стејтбилдинг и Pax Americana. Сега, кога нештата стануваат јасни дури и за слепо вљубените заевисти и интелектуални компрадори, па дури и бившите бугарофили од ДПМНЕ се преродија и пронајдоа како Македонци, сфаќаме дека сме соочени со хамлетовското прашање „да се биде или не.“

Може да звучи претерано, но Македонија е на работ на „војна на секој против секого“, bellum omnium contra omnes, што е дефиниција на претполитичка состојба и граѓанска војна. Да биде уште полошо, не е далеку ни сценариото на уште една балканска војна. Сакајќи да го „реши“ проблемот за името, Заев им призна на Грците дека нема црвени линии, дека сме крадци на туѓа историја, иредентисти и националисти, а сега само ја продолжува низата. На ред е задоволување на фашистичките соништа на Софија. Интелектуалк(ц)и му помагаат: Македонците биле колаборационисти, сами ги качиле Евреите на возовите кон Треблинка, ние треба да им се извиниме, а не Бугарите. За „администрирањето“ со западна Македонија, никој ни да писне. Но и тоа ќе дојде на ред, по ист терк. Со тврдењето дека Југославија (насила) го поделила истиот народ, Заев направи ревизија и на Букурешкиот договор од 1913-та, па, така, им брцна во очите и на Србите и нивните националисти. Имајќи ја предвид историската „љубов“ меѓу Бугарите и Србите, може да се замисли што ќе следува… Да им се каже прво на Грците дека тие ќе го чуваат македонското небо, а потоа иста понуда да им се даде на Бугарите (кои сè уште чекаат да им стигне пратката од неколку американски фантоми) и притоа да им се испрати порака и на Турците дека се „откачени“, е рецепт за нова војна. Овој не е Гаврило Принцип, ова е камикаѕе од посебен вид (иако кај камикаѕите имало некакво слепо и фанатично верување дека треба да се загине за царството).
Уште за време на Преспанскиот договор укажував дека не само што тој нема да донесе мир и добрососедство; тој ја направи Македонија паричка за поткусурување меѓу балканските, ама и поголемите играчи. Со Преспанскиот се поделивме непомирливо, внатре во македонското ткиво; државата ја направивме зависна од волјата на туѓа држава, што е тешко кривично дело; народниот суверенитет беше погазен без око да им трепне ни на тие на Илинденска, ни на оние во Брисел – наместо тоа, грчкиот парламент одлучуваше за промената на нашиот устав.

Демонтажата на македонската држава продолжува – до исчезнување. Ова не е предавство, туку велепредавство сторено од врхушката на власта. Веќе не ни е доволна оставка на Заев или негова смена во партијата. За делата што ги стори ќе суди не само историјата, со најсрамната страница посветена на овој човек, туку и народот. Стево молчи, нов фикус или можеби хризантема. Битката во СДС е само една од малите битки низ кои се демонтира државата. Впрочем, „најдржавотворната партија“ е таа што ја почна распродажбата со криминална приватизација, а сега, откако ќе ги продаде и преостанатите ресурси, заедно со идентитетот и историјата, но и националната гордост и антифашистичкото минато, може да прогласи фајронт. Птичјиот поглед кон регионот покажува ничкосани и задолжени држави со сиромашни, очајни и гневни луѓе, кои се позитивни само на ковид-19 (умираат како муви од него и од она што следува зад него), тешка европска периферија со која големите сили си играат како со марионети хушкајќи ги едни на други, со тоа што најслабата алка секогаш е колатерална жртва.
Ова е момент кога мораме, заради себе и заради идните генерации, да го земеме крстот на плеќите и да направиме вистински избор: или дното што тие ни го прикажуваат како врв, или нивната визија на иднината, во која и Аушвиц ќе биде проект на гасификација на Полска (како што напиша еден твитерџија), а не пак Македонија администрирана од најблиските браќа, или ќе останеме доследни на духот во кој сме воспитани и жртвите на нашите предци, од Илинден до АСНОМ и потоа. Или ние или тие! Трето нема. Ова е „нож до коска“, по што следува само колеж и заборав во име на фиктивниот рај на ЕУ. Вратени сме како во временска машина стотина години назад. Со тоа се поставени и прашањата за нашата сегашна историска одговорност да им се спротивставиме на еврофундаменталистите и новите колаборационисти (со патрон во Брисел, па и Берлин, кој само сака да ја менаџира оваа вукој*бина). Ако Брисел не го гледа ова, тогаш и не заслужува да биде „престолнина на ЕУ-рајот“. Дури сега можеме да сфатиме зошто некои биле послушни во 1940/1941, а други викале „подобро гроб отколку роб“. Заев не е важен, не е важна ни Колозова, ни другите мегафони. Важна е траекторијата, антиципацијата на самобришењето – и визијата како да не дојде до тоа. Ако во моментов нема обвинителство/судство што ќе му застане на патот на манијакот под дејство на марихуана и бојата на еврата, тоа само значи дека патот ќе биде долг, најдолг, пат што нема крај, но има смисла и компас.

Деновиве сведочевме на една навидум безначајна, но жестока сцена во парламентот: на генералисимусот Таљат му се спротивстави Апасиев со барање како точка на дневен ред да се внесе Декларацијата за осуда на бугарската политика. Некои оваа триминутна сцена ја доживеаја мачно, како навестување на темната иднина што ни претстои кога во сопствената држава не смееш да дигнеш глас и во која насилна клика (ќе) казнува и дисциплинира. Јас, напротив, го слушнав Робеспјер: „Нема договор, нема мир со луѓе што мислат само на грабеж; со оние за кои независноста беше само шпекулација, а Републиката – обрт на капитал. И тие, тие нам ни велат: да им простиме на криминалците; да им простиме на предавниците, да им простиме на порочните. Нивниот злобен восклик е милосрдие. Но ние оттука им велиме: НЕ, не, не, господа, тоа така не може!!! Да им простиме на слабите – да; да им простиме на несреќните – да; но човекот порочен е политички непријател на Републикава и тој е за неа толку поопасен колку што се поголеми и услугите што божем ѝ ги направил тој.“ Фуко ќе каже: каде што има моќ, има и отпор. Моќниве ни се качија на глава, веќе немаме што да изгубиме освен синџирите (Комунистичкиот манифест). Да не чекаме втор 11 Октомври!