Дипломатскиот ќор-сокак за шестгодишниот престој на Џулијан Асанж во Амбасадата на Еквадор во Лондон достигна врв, изјави неименуван извор близок до основачот на Викиликс, откако медиумите објавија дека јужноамериканската држава ќе го повлече политичкиот азил.
Асанж живее во Амбасадата на Еквадор во Лондон од 2012 година, откако еквадорските власти му дадоа азил, со што основачот на Викиликс избегна екстрадиција во Шведска, каде е обвинет за силување. Асанж е обвинет и во САД поради објавување на доверливи информации.
Шведска во меѓувреме се откажа од обвинението, но Асанж верува дека ако ја напушти Амбасадата ќе биде екстрадиран во САД, каде ќе биде испитуван за активностите на Викиликс.
„Сандеј тајмс“ претходно објави, повикувајќи се на високи претставници од Еквадор и од Велика Британија, дека се разговара како да го извлечат од Амбасадата откако ќе биде поништен политичкиот азил.
– Ситуацијата е многу сериозна. Сега би требало да го достигне врвот. Тоа не изгледа добро, истакна неименуваниот извор.
Но, и еквадорските и британските власти демантираат дека во брзо време може да има излез од таквата ситуација.
Претседателот на Еквадор Ленин Морено, кој ситуацијата со Асанж ја опиша како „неодржлива“ и „како камче во чевел“ во следните денови ќе претстојува во Лондон на Глобалниот самит за хендикепирани лица и се претпоставува дека можно е да постигне договор за Асанж.
Но, еквадорската Влада соопшти дека ниту Морено ниту еквадорската делагација за време на посетата на Лондон ќе разговараат за Асанж.
Неименуван извор од британската Влада изјави дека нема навестување за решавање на прашањето за Асанж. Минатиот месец британскиот министер за надворешни работи Алан Данкан изјави дека Владата е се позагрижена за здравствената состојба на Асанж.
– Наша желба е да се стави крај на тоа и ние би сакале да пружиме уверување дека доколку ја напушти Амбасадата, тој ќе биде третиран на хуман и достоинствен начин. Нашиот клучен приоритет е да се погрижиме за неговото здравје, кое по наше мислење се влошува, посочи Данкан.
Во Морено во мај нареди повлекување на дополнителната безбедносна опрема од зградата во која се наоѓа Амбасадата на Еквадор во Лондон. Тоа уследи откако во март беше укинат комуникацискиот систем на Асанж и неговото директно обраќање до надворешниот свет.
Велика Британија уште во октомври 2015 година ја укина постојаната стража пред Амбасадата на Еквадор, откако за таа операција потроши 13 милиони фунти.