Многумина побрзаа да нагласат дека ниту Путин не можел да очекува толкава солидарност со Британија од некои членки на ЕУ, САД и од други сојузници по аферата со труењето на двојниот агент Скрипал и масовната чистка на руски дипломати, во која се вклучивме и ние. Човек за малку и да поверува во „големата западна и европска солидарност“, за потоа наредниот ден да прочита како Германија мирно го одобрила рускиот гасовод „Северен тек 2“
Додека ја чекаме најавената „средба на векот“ меѓу Доналд Трамп и Ким Јонг-ун, која според најголемите оптимисти би требало да го оддалечи светот од Судниот ден, големите сили не мируваат. Таман помисливме дека постепено се намалуваат ризиците од тотално нуклеарно самоуништување, големите повторно најдоа причини (читај интереси и сфери на влијание) за меѓусебно да се обвинуваат и да се закануваат со тешки одмазди. Во целата жестока реторика, но и опасните потези што лесно би можеле да се протолкуваат од спротивставената страна како дрска провокација, заглави и цела мрежа на други земји, некои како декларирани сојузници, а некои ривали.
Таков е случајот со конфликтот меѓу САД и Русија. Нивните односи во изминатите години достигнуваа ниски нивоа, додека се редеа обвинувања и потези што само ги зголемуваа тензиите. Ситуацијата требаше да се промени со доаѓањето на Трамп во Белата куќа, кој се прикажуваше како нетипичен претседател што може да најде заеднички јазик со неговиот руски колега Владимир Путин. Но, во меѓувреме, руската афера, која наводно му овозможи на Трамп да стигне до претседателската фотелја, зеде неверојатен замав. Се редеа обвинувања, нови скандали и оставки. Многумина се шегуваа дека членовите на администрацијата на Трамп имаат пократок рок на траење од свежо млеко. Трамп под притисок на домашната јавност жонглираше со односите со Русија, па од една страна застануваше зад санкците против Москва, а од друга страна инсистираше дека мора да се разговара со Путин. По претседателските избори во Русија, тој отиде против западњаците и му ја честита новата победа на Путин. Критичарите веднаш го обвинија дека застанал зад патронот што му овозможил да влезе во Белата куќа, додека рускиот лидер со т.н. хибридна војна бескомпромисно се мешал во избори за да ги поткопа либералните демократи.
Оваа приказна, како и секоја друга што вклучува суперсили и нивни интереси, има најмалку две страни. Дека мешањето не е „руска работа“ признаваат дури и американските разузнавачи, иако тие на друго место го лоцираат оправдувањето. Земете го следниот пример. „Вреќи со готовина беа донесени во еден хотел во Рим наменети за поддршка на посакуваните италијански кандидати. Скандалозни приказни беа објавени во странски весници за наместени избори во Никарагва. Милиони памфлети, постери и налепници се печатеа за да се порази претседателот на Србија. Дали станува збор за долгата рака на Путин? Не, туку за само мал пример од историјата на американското интервенирање во странските избори“. На ваков начин неодамна американски „Њујорк тајмс“ ја почна својата анализа за тоа дека мешањето во странски избори не е непозната работа за САД, иако повеќето нивни граѓани сега се шокираат од помислата дека Русите бескрупулозно ги напаѓаат нивниот политички и изборен систем. Американските разузнавачи имаат пофлексибилен став.Тие велат дека тоа што Русите го правеле за време на последните американски претседателски избори, САД го правеле уште од формирањето на ЦИА по Втората светска војна. Бивши агенти на ЦИА консултирани за статијата на „Њујорк тајмс“ изразуваат надеж дека САД и во иднина ќе продолжат да се мешаат во избори и да поддржуваат или да опструираат кандидати во зависност од националните интереси. Дури има и една статистика според која САД во периодот по Втората светска војна до 2000 година се мешале осумдесетина пати во странски избори, а Русија речиси 40 пати.
Сепак, имало разлика, а оправдувањето е во крајната цел на мешањето. Според американските разузнавачи, главна цел на интервенциите на САД е да им се помогне на кандидатите да ги соборат диктаторите, односно да се промовира демократија. Од друга страна, според истите тие, руската интервенција е главно насочена против демократијата и во полза на диктаторите. Се разбира, и во овој многумина нема да се согласат со ваквото толкување и веднаш ќе посочат на примери од историјата. Сѐ е во оптиката. Земете го исто така примерот со обвинувања помеѓу Русија и САД во однос на талибанците и Авганистан. Америка уште од 2016 година ги обвинува Русите дека ги поддржуваат бившите непријатели, талибанците, само за да го дестабилизираат Авганистан. Командантот на американските сили во Авганистан, генералот Џон Николсон, тврди дека руско оружје се шверцува преку таџикистанската граница и дека тоа завршува во рацете на талибанците. Русите и талибанците ги исмеваат ваквите обвинувања, при што првите велат дека Американците се подготвени да ја обвинат Москва за нивните „неуспеси“ во Авганистан, а талибанците тврдат дека не примаат „воена помош од ниту една држава“.
Многумина би рекле дека е иронично што Американците ги обвинуваат Русите дека ги вооружуваат талибанците кога Американците ги вооружуваа муџахедините (од кои потоа произлегоа талибанците) за време на војната меѓу Советите и Авганистан. Сетете се само на филмот „Војната на Чарли Вилсон“ со Том Хенкс во улогата на истоимениот конгресмен, кој го натера Конгресот на САД да ја поддржи најголемата тајна операција на ЦИА за вооружување на авганистанските муџахедини против Русите во 1980-тите. Повторно сѐ е во оптиката. Објаснувањето и тука веројатно би било дека Американците вооружувале за да спречат диктатура, а Русите за да поддржат. Конечно, доаѓаме до најновите тензии и до случајот со труењето со нервен агенс на двојниот агент Сергеј Скрипал во Британија, за кого Лондон ја обвинува Москва. Случајот не заврши само на меѓусебни обвинувања туку се прошири на масовно протерување руски и други дипломати, во кое беше вклучена и Македонија. Некои земји посочуваа на солидарност со Британија, Западот и со НАТО или на заштита на безбедносните интереси како причини за следењето на стапките на Лондон во протерувањето на руските дипломати.
Други, пак, се повикуваа на неутралност (како Грција), а трети наоѓаа креативни изговори како да не влегуваат во целата приказна (како Нов Зеланд, кој порача дека ќе избркал руски шпиони ама не нашол ниту еден). И повторно да се вратиме на оптиката. Британците и тие што застанаа на нивна страна јасно го посочуваат виновникот – тоа е Русија (деновиве имаше и карикатури и вицови дека Британците успеале да утврдат дека Путин е директно одговорен за труењето зашто на местото на злосторството успеале да му ги најдат гас-маската и личната карта). Русите, се разбира, јасно демантираат секаква вина и ги обвинуваат Британците дека намерно ја набедиле Русија за да го одвлечат вниманието на јавноста од тешките последици од брегзит (ова е проследено и со теории на заговори дека зад труењето стојат Американците и Британците, кои тестираат биолошки и хемиски оружја недалеку од градот во кој беше затруен двојниот агент). Третите што се обидуваат да ги анализираат тензиите, посочуваат дека Путин претерано не се потресол од масовното бркање руски дипломати, но дека најмногу го здоболела реакцијата на Америка предводена од „пријателот“ Трамп, која и избрка најмногу Руси, дури 60. Меѓу „неутралните“ анализи има и такви што посочуваат дека дури ни Путин не можел да очекува „толкава солидарност“ помеѓу западните земји, пред сѐ од САД и од некои земји на ЕУ, со Британија и како тоа претставувала огромна дипломатска победа на британската премиерка Тереза Меј.
Човек за малку и да поверува во „солидарноста на ЕУ“, која и онака е своевиден загрозен вид, за потоа, уште наредниот ден да прочита вест дека по толку драма со руските дипломати, Германија го поддржа рускиот гасоводен проект „Северен тек 2“. Руските критичари со жалење да констатираа „нова победа за Кремљ“. Изгледа тука завршува целта да се испрати „јасна порака за европска солидарност“, како што наведе Министерството за надворешни работи на Германија, т.н. локомотива на ЕУ. Кога се во прашање парите и интересите на суперсилите, природниот гас е поважен од нервниот. Другите земји можат само да си кинат нерви додека решаваат дали да се фатат на орото на големите. Овој пат и ние решивме да го играме. За разлика од Нов Зеланд, кој упорно тврди дека е подготвен да брка руски шпиони само да ги најде, ние го лоциравме „нашиот“. Допрва ќе видиме како ќе ни се одрази овој потег.