Случајот на седумнаесетгодишниот тинејџер кој е обвинет за убиство на две лица за време на протест во американската сојузна држава Висконсин, се најде во средиштето на судирот на поделената Америка по расните немири. Вчера беше платена кауција од два милиона долари за обвинетиот Кајл Ритенхаус да се брани од слобода, пренесува магазинот „Тајм“.
Младото момче е обвинето за фаталното застрелување на Џозеф Розенбаум и на Ентони Хјубер, како и за ранувањето на Гејџ Гроскројц, за време на протестите од 25 август по убиството на Џејкоб Блејк од страна на полицијата во Кеноша. Ритенхаус и кажал на полицијата дека бил нападнат додека чувал одреден дуќан и дека реагирал во самоодбрана.
Неговиот случај веќе доби политичка димензија. Поддржувачите на движењето „Црните животи значат“ го опишаа Ритенхаус како поддржувач на белата надмоќ. Конзервативците вознемирени поради уништувањето на имотите и дуќаните за време на неодамнешните протести, пак, сметаат дека тој е патриот кој го искористил правото да носи оружје за време на немири. Во основаниот фонд за негова правна одбрана се собрани неколку милиони долари преку донации.
Таткото на убиениот Ентони Хјубер, Џон Хјубер, бараше од судот да биде одредена кауција за Ритенхаус од четири до десет милиони долари, токму поради собирањето донации за негова одбрана. Тој сугерираше и дека вооружените цивилни милиции би го криеле обвинетиот од полицијата доколку биде на слобода. Адвокатот на Ритенхаус, пак, бараше кауцијата да изнесува 750 илјади долари. Воведното судско сослушување на тинејџерот кој се соочува со повеќе обвиненија е закажано за 3 декември.