Фото: Маја Јаневска-Илиева

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Заморот си го стори своето. Многу лошо го почнавме натпреварот, пред сѐ во одбраната, а и во нападот не бевме на потребното ниво. Шпанците ги искористија сите наши грешки и заслужено стигнаа до победата, изјави капитенот на Металург, Даниел Дупјачанец, по поразот на гостувањето кај Адемар Леон (41-32), во 3. коло во ракометната Лига на Европа (ЛЕ).
Ракометарите на Металург вторпат сезонава се поразени на гостински терен во натпреварите од ЛЕ, овој пат од шпанскиот вицепрвак, кој е еден од фаворитите за првата позиција во групата А. Во следното коло, на 24 ноември, металурзите на домашен терен треба да го пречекаат австрискиот првак Фиверс, кој во дуелот со Тулуз дома победи со 37-32.
– Имаме неколку дена да ја анализираме и коригираме нашата игра и да се рехабилитираме до мечот со Фиверс. Мора да поработиме на поединечните грешки и недостатоци, пред сѐ во одбраната, и да заиграме тимски и борбено. Се надевам дека пандемијава нема одново да ни го наруши тренажниот процес и ќе можеме да работиме без прекини и паузи – рече Дупјачанец.

Најефикасни кај Металург со по седум гола беа крилата Милан Поповиќ и Златко Хорват, по четири реализации имаа пикерот Бранко Канкараш и десниот бек Мартин Серафимов, а по трипати во листата на стрелци се запишаа пикерот Милан Лазаревски и бековите Марко Тарабокија и Стефан Додиќ. Во другите мечеви од групата А, победа забележа и полскиот првак Висла на гостувањето кај Чеховски Медведи (28-27) и изби на првото место во групата.
Во групата Д, Еурофарм Пелистер имаше предност во првото полувреме, но ремизира дома со швајцарскиот првак Кадетен Шафхаузен (25-25). Најефикасен кај домашниот тим беше левиот бек Стипе Мандалиниќ со седум гола, а шест реализации кај гостите имаше централниот бек Јонес Шелкер.