Зимските услови на патиштата бараат особена претпазливост на возачите и посебна подготовка на возилото. Затоа, без изговори, користете задолжителна и дополнителна зимска опрема бидејќи тоа е предуслов безбедно да патувате во зима и успешно да се справите со сите предизвици, апелираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата
Законската обврска за носење задолжителна зимска опрема почнува викендов, поточно в недела, 15 ноември. Според Законот за безбедност на патниот сообраќај, доколку возачот не ги почитува правилата за носење и користење зимска опрема во возилата, ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсетуваат зошто е важно во секое возило да има зимска опрема.
– Зимските гуми се монтираат пред почетокот на зимската сезона и се користат цела зима. Синџирите за снег се местат по потреба. Временските услови во зима се непредвидливи и во такви услови местењето синџири на тркалата е покомплицирано во споредба со навремена замена на гумите. Во зима, и покрај навидум сувите коловози, честа е појавата на голомразица на мостови, на остри кривини, на осојничави места и во такви ситуации многу побезбедни се возилата со зимски гуми. Кога температурите се ниски, зимските гуми се неспоредливо побезбедни од летните. Тие се направени од специјална смеса што ги прави помеки и со подобар контакт со подлогата. При зимски услови на патиштата, сопирачкиот пат на возило со зимски гуми е најмалку за 20 проценти пократок во споредба со истото возило со летни гуми. Сопирачкиот пат на возилото и траекторијата на запирање се клучни дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода и какви ќе бидат последиците од неа – информираат од РСБСП.
Оттаму нагласуваат дека зимските гуми ги зголемуваат мобилноста и контролата на возилото при пониски температури и при снежни и замрзнати коловози.
Покрај пропишаната и задолжителна зимска опрема во возилото, РСБСП препорачува возачите во возилото секогаш да имаат мала лопата, кабли за стартување, топла облека или ќебе, ракавици, метла, спреј за одмрзнување брави и стакла, кофа со песок и друго.
Оттаму препорачуваат возачите да бидат многу претпазливи.
– Зимските услови на патиштата бараат особена претпазливост на возачите и посебна подготовка на возилото. Затоа, без изговори, користете задолжителна и дополнителна зимска опрема бидејќи тоа е предуслов безбедно да патувате во зима и успешно да се справите со сите предизвици.
Квалитетната зимска опрема во возилото може во голем дел да ја елиминира опасноста што ја носи зимското возење.
Како што информираат од РСБСП, полициски службеник ќе му нареди на возачот да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полициски службеник може да му нареди на возачот да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возачот задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.