Ликови од цртани филмови се нашле на списокот на Интернет како обвинети кои треба да се појават на судските рочишта во Англија. Мики Маус требал да се појави на суд во Стоук на Трент, заедно со капетанот Кука, астронаутот Баз од „Приказната за играчките“ и многу други анимирани ликови, пренесува Би-би-си.
Грешката ја забелела Леиша Бонд адвокатка за разводи, која била изненадена, прашувајќи се „дали ова е нечиј последен ден на работа?!“
Судските службеници за Би-би-си изјавиле, дека „имињата се ставени со цел да се тестира новиот систем за управување со судските предмети“.
– Се извинуваме за грешката. Требаше да бидат избришани пред да бидат објавени списоците – напишал портпаролот на судската служба на Твитер.
Душко Долгоушко, Ѕвончица, Заспаната убавица и Круела де Вил исто така биле на списокот на обвинети со закажани судења.
Нивните „случаи“ биле на списокот покрај имињата на вистинските обвинети, а некои од нив требало да се појават на суд преку видеоповик од затвор.
Судската служба се извини за грешката, но Леиша Бонд одговори на Твитер дека тоа е „најдоброто нешто што се случило меѓу адвокатите во текот на целата година“.