Потпишаното примирје помеѓу Ерменија и Азербејџан ефективно ќе ги прекрои границите во регионот. Етничката ерменска енклава ќе опстане, но значително помала во однос на територијата која ерменските сили ја контролираа на почетокот на конфликтот, откако ги загубија вториот најголем град и повеќе помали места и села. А сепак, ќе биде под контрола на руските мировници, поврзани со Ерменија преку коридор исто така чуван од руските сили.
Ереван ќе овозможи сличен коридор под гаранции на Русија преку ерменска територија за да се поврзе со азербејџанската енклава Нахчиван, помеѓу Ерменија и Турција. Азербејџанските власти исто така тврдат дека турските мировници ќе бидат распоредени на спротивната страна на линијата на контактот, иако ова не е споменато во договорот.
За Ерменија, чие население останува во страв од Азербејџан и од Турција по постојаните судири поради Нагорно Карабах и историските погроми против Ермениците во регионот, овој резултат е историска катастрофа.
Ерменскиот министер за надворешни работи Зораб Мнацканијан предупреди дека победата на Азербејџан ќе означи дефакто признавање на воената агресија како начин за разрешување на територијалните спорови од страна на Европа.
Со делумен исклучок на Франција, Европската Унија е отсутна од официјалниот процес за разрешување на конфликтот. А војната во Нагорно Карабах и нејзиното геополитичко значење и последици ретко се спомнуваат во Брисел, Берлин или во Лондон. Не се дискутира зошто Европа немаше план за спречување на војната во нејзиното соседство или за заземање на одредена улога во решението.
Во ЕУ можеби новите граници на Кавказот се отфрлаат како прашање од мало значење. Но мапата на Европа е променета со сила за само неколку недели. Како и при претходните слични случаи последиците би можеле да бидат чувствувани во годините што доаѓаат, се заклучува во анализата на „Политико“.