По синоќешниот настап заедно со виолинистката Алена Баева во рамки на „Охридско лето“, пијанистот Вадим Колоденко вечер ќе има солистички настап во катедралната црква „Света Софија“.
Вадим Колоденко има репутација на еден од музички најдраматичните и технички најнадарените изведувачи на новата генерација пијанисти. Како добитник на Златниот медал на Интернационалниот пијано натпревар „Ван Клибурн“ во 2013 година, Колоденко започнува да гради интернационална кариера во Европа, Азија и Северна Америка.
Низ годините Колоденко соработувал со голем број истакнати диригенти, оркестри и изведувачи, меѓу кои и нам добро познатите: Вадим Репин, Алена Баева и Александар Бузлов. Во соработка со издавачката куќа „Хармонија Мунди“ Вадим Колоденко има издадено повеќе компакт дискови. Еден од најзначајните е компакт-дискот со Оркестарот на Норвешкото радио издаден во август 2015 година, кој е награден со познатата „Editor’s Choice“ награда. На компакт-дискот се наоѓа Концерт за пијано од норвешкиот композитор Едвард Григ и Концертот за пијано бр. 2 од францускиот композитор Камиј Сен-Санс.
На програмата на вечерашниот соло-рецитал на Колоденко се ноктурно и сонати за пијано на Шопен и Прокофјев.