Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ќе биде тежок натпревар, влогот е голем, но за ова се подготвувавме и сите заедно ќе се обидеме да го дадеме својот максимум за да успееме. Ни требаат концентрација и енергија во текот на сите 90 минути. Грузија, исто така, има цел да биде на Европското првенство, но треба да направиме работите на теренот да зависат од нас, изјави репрезентативецот Елиф Елмас

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ, ПРЕД УТРЕШНИОТ МЕЧ ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА

Најдобрите македонски фудбалери утринава со чартер-лет треба да заминат за Тбилиси, на утрешниот финален плејоф-натпревар во Лигата на нациите (ЛН) против репрезентацијата на Грузија (почеток во 18 часот), за пласман на Европското првенство (ЕП) в година. Ова е најважниот натпревар во речиси тридецениската историја на македонскиот репрезентативен фудбал и шанса за прв пласман во завршницата на едно големо натпреварување, ЕП или Светско првенство (СП).
Последната пречка е Грузија, која исто така досега нема ниту еден настап на ЕП или на СП и е во мала предност, затоа што игра на домашен терен. Двете репрезентации веќе одиграа две меѓусебни средби во новиот циклус во Лигата на нации, кои завршија без победник, 1-1, и ако се оценува според тоа, може да се очекува израмнет, неизвесен натпревар, во кој ќе решаваат детали.
– Нѐ очекуваат финале, еден натпревар и многу борба. Ќе биде тежок натпревар, влогот е голем, но за ова се подготвувавме и сите заедно ќе се обидеме да го дадеме својот максимум за да успееме. Ни требаат концентрација и енергија во текот на сите 90 минути. Грузија, исто така, има цел да биде на Европското првенство, но треба да направиме работите на теренот да зависат од нас. Оптимист сум – изјави репрезентативецот Елиф Елмас.
Во составот на македонската репрезентација ќе го нема Аријан Адеми поради повредата на мускулот при загревањето пред првенствениот натпревар во Хрватска на Динамо Загреб во неделата. На негово место селекторот Игор Ангеловски го повика Енур Тотре, фудбалерот од средниот ред на Шкендија. Претходно отпадна и четвртиот голман, Даниел Божиновски, кој беше позитивен на ковид-19.