Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска објави дека е завршена реконструкцијата на делници од патот Струмица-Берово. Двете делници од село Дабиле до Хамзали и од Берово до село Ратево се со вкупна должина од 8,2 километри и за нив се потрошени 1,6 милиони евра.
Патот е комплетно завршен и рехабилитиран со завршен слој на асфалт, променета сигнализација и мостови и е поставена најсовремена ограда.
Министерот Сугарески најави и други проекти кои ќе се реализираат во општина Струмица во наредниот период. Покрај изградбата на експресните патишта Струмица-Радовиш и Струмица-македонско-бугарска граница, како и реновирање на повеќе регионални патишта, Сугарески најави изградба на канализациска мрежа во две села во општина Струмица.
– Во населените места Дабиле и Просениково ќе се градат канализациони системи во износ од 600 илјади евра. Во крајна фаза е целокупната постапка и во најкус временски период овие канализациски системи ќе почнат да се се градат. Покрај тоа, во септември или октомври треба да заврши изградбата на 41 социјален стан во Струмица по што ќе биде распишан јавен повик за граѓаните кои ќе можат да аплицираат за добивање стан според критериумите на министерствата за транспорт и врски и за труд и социјална политика, рече министерот Сугарески при денешната посета на делницата од патот село Дабиле до Хамзали.
Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, во Струмица по десет години првпат е реконструиран еден патен правец. Тој најави и изградба на други значајни сообраќајници во Струмичкиот регион.
– За десетина денови ќе почне тендерската постапка за проектирање на патот од Струмица до село Дабиле во должина од 2 километри, кој ќе биде со четири ленти. Овој патен правец е едно од најтесните сообраќајни грла во државата. Во тек е и постапката од Светска банка за рехабилитација на 12 патишта во цела Македонија, во кои влегува и патниот правец Струмица-граничен премин со Бугарија. На 13 август треба да биде завршена тендерската постапка, рече Китанов.
Тој додаде дека има проекти за изградба на експресни патишта кои ќе се спојуваат со автопатот Демир Капија-Смоквица.
За градоначалникот на Струмица Коста Јаневски, соработката со Министерството за транспорт и врски е на високо ниво и реализираните проекти директно влијаат врз економскиот развој на општината.
Министерот за транспорт и врски имаше средба со градоначалникот на Струмица во неговиот кабинет, а на неа присуствуваа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и посебниот советник за транспорт и врски, Фидан Колев.