СПОРЕД ТВРДЕЊАТА НА УРЕДНИКОТ НА АВСТРИСКИОТ МАГАЗИН „ФАЛТЕР“

Осомничениот за учество во вчерашните терористички напади во Виена, кого полицијата го застрела, бил 20-годишник роден во австрискиот главен град за кого тамошните разузнавачки служби имале сознанија, според тврдењата на уредникот на магазинот „Фалтер“ Флоријан Кленк. 

– Истражив неколку детали за терористот. Неговото име е Куртин С., имал 20 години, бил роден и израснал во Виена и има албански корени. Неговите родители доаѓаат од Северна Македонија и не се осомничени кога станува збор за исламизмот – напишал Кленк на Твитер.

Австрискиот новинар тврди дека австриските разузнавачки служби го следеле осомничениот бидејќи тој бил еден од 90-те австриски исламисти кои сакале да отпатуваат во Сирија. Но бил спречен во неговата намера во јули. Згора, Кленк додава оти полицијата не верувала дека тој планирал терористички напад во Виена.

 

Нападите беа изведени синоќа на шест локации во близина на синагога во центарот на Виена и во нив имаше најмалку четири жртви и 15 повредени лица. Австриските власти соопштија дека убиениот осомничен бил приврзаник на Исламската држава.