Според законските прописи, велосипедистот кога учествува во сообраќајот треба да носи заштитен шлем / Фото: Игор Бансколиев

Според податоците на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, од 22 до 47 проценти од велосипедистите што биле дел од сообраќајки во светот добиле повреди на главата како последица на неносењето шлем. За жал, статистиката покажува дека дури 75 проценти од настраданите велосипедисти во сообраќајни незгоди починале како резултат на повреди на главата, односно како последица на неносењето заштитен шлем

ДУРИ 97 ПРОЦЕНТИ ОД ЗАГИНАТИТЕ ВЕЛОСИПЕДИСТИ НЕ НОСЕЛЕ ЗАШТИТЕН ШЛЕМ

На годишно ниво, десетина велосипедисти го губат својот живот низ улиците во земјава. Според европскиот просек, од 2010 до 2018 година, односно за осум години, на сообраќајниците во Европа загинале повеќе од 19 илјади велосипедисти.
Според податоците, не е тешко да се заклучи дека во сообраќајот, освен пешаците, кои важат за најзагрозена категорија, велосипедистите исто така се едни од најчестите жртви како учесници во сообраќајот.
Само изминатиот месец, според билтените на Министерството за внатрешни работи, животот го загубија неколку велосипедисти во земјава. Пред неколку дена на регионалниот пат Скопје – Македонски Брод, кај местото Бабин Дол, животот го загуби 65-годишен велосипедист, откако возач на автомобил со своето возило удри во него. Слично заврши и 64-годишен велосипедист на почетокот на месецов во Ресен, а на крајот на септември тешко повреден заврши и велосипедист од Битола, откако во него удри автомобил. Во летниот период, пак, бројката на повредени и загинати велосипедисти во Скопје не беше за занемарување.

Зошто игнорантски однос кон велосипедистите?

И покрај тоа што во главниот град изминатиот период се направи навистина многу за создавање соодветни услови за велосипедистите, но и за нивно физичко одвојување од сообраќајниците за да се спречат сообраќајни незгоди, сепак, во некои делови од градот таквото одвојување е невозможно, па на улиците честопати може да се забележат велосипедисти што возат паралелно со автомобилите.
За жал, возачите на автомобили не ги почитуваат велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот, па не ги пропуштаат, не им даваат првенство онаму каде што тие го имаат.
Во некои случаи дури и воопшто не се обрнува внимание на нив.
– На Бит-пазар секојдневно поминувам со велосипед, бидејќи одам на работа. Она што е трагично е фактот што никој, ниту возачите на возилата што се движат, ниту пак оние возачи со паркирани возила, воопшто не обрнува внимание на нас. Само месецов паднав неколкупати како последица на отворање врата на сопственик на паркирано возило. Воопшто не погледнуваат во ретровизорите. За нив во сообраќајот учествуваат само и исклучиво автомобилите – вели Стојан Здравковски, жител на скопски Бутел, кој секојдневно се движи со велосипед низ градот.
Според него, одлично е тоа што постојат голем број велосипедски патеки, како и можноста да се движат по кејот на велосипедската патека, но, сепак, вели дека тој мора од некаде да пристигне до тие безбедни места за велосипедистите.
– И возачите воопшто не внимаваат на нас. Се чини дека не нѐ ни погледнуваат. Очекуваат од нас да им дадеме предност само поради тоа што возиме велосипед – заклучува тој.
Низ државата, пак, честопати може да се забележат велосипедисти што рекреативно патуваат од еден до друг град, а тука се и граѓаните што со своите велосипеди патуваат од околните села до градовите, користејќи ги автопатиштата и регионалните патишта.

А и велосипедистите ги игнорираат сообраќајните правила

Сепак, состојбата не е толку црно-бела, односно не секогаш за несреќите се виновни само возачите. Секојдневно сме сведоци на голем број велосипедисти што не ги почитуваат не само сообраќајните правила туку и правилата за заштита кога се користи велосипедот како превозно средство.
Според податоците на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на светско ниво, два процента од загинатите лица во сообраќајни несреќи се велосипедистите, а најчестите смртни повреди кај нив се повредите на глава, како последица на неносење заштитен шлем.
Според законската рамка, велосипедистот кога учествува во сообраќајот треба да носи заштитен шлем.
– Но законот не предвидува никаква санкција доколку велосипедистот не користи заштитен шлем, односно кацига. Една од причините зошто законот не предвидува задолжително користење заштитен шлем е фактот што голем број велосипедисти, а исто така и Европската велосипедска федерација сметаат дека доколку користењето на заштитниот шлем е задолжително и доколку некористењето на заштитниот шлем се санкционира, значително ќе се намали бројот на лица што користат велосипед како сообраќајно превозно средство, а на тој начин ќе се изгубат сите придобивки што ги носи користењето на велосипедот како превозно средство – наведено е на интернет-страницата на РСБСП, како дел од неодамнешната кампања за Европската недела на мобилност.

Според податоците на РСБСП, дури 97 проценти од загинатите велосипедисти во сообраќајни незгоди во светот не носеле заштитен шлем. Од 22 до 47 проценти од велосипедистите што биле дел од сообраќајки добиле повреди на главата како последица на неносењето шлем. За жал, статистиката покажува дека дури 75 проценти од настраданите велосипедисти во сообраќајни незгоди починале како резултат на повреди на главата, односно како последица на неносењето заштитен шлем.
Но не е важно само носењето каков било шлем. Тој треба да исполнува одредени критериуми и не само да заштити од удар при несреќа, туку и да превенира сообраќајка.
– Една од причините поради кои страдаат велосипедистите во сообраќајот е тоа што возачите не ги забележуваат навремено велосипедистите. Со носењето заштитен шлем со светла боја и рефлектирачка површина, видливоста на велосипедистот е многу поголема – наведено е на интернет-страницата на РСБСП.

[email protected]