Лани тој постигна 55 гола на 47 натпревари во сите натпреварувања, а откако викендов оствари т.н. совршен хет-трик, стана првиот играч во Бундес-лигата со 10 гола во воведните пет кола од сезоната

ФУДБАЛ

Напаѓачот на Баерн, Полјакот Роберт Левандовски испиша нова страница во богатата клупска фудбалска историја со т.н. хет-трик (три гола) во убедливата победа над Ајнтрахт, со 5-0, во меч од првенството на Германија. Тој е првиот играч во Бундес-лигата што постигнал 10 гола во воведните пет кола од сезоната. Тие 10 гола тој ги постигна на четири меча (еден, четири, два и три гола), а не погоди само на натпреварот против Хофенхајм, 1-4, пишува „Би-би-си“.
Што е уште поимпресивно, Левандовски викендов забележа т.н. совршен хет-трик. Првиот гол го постигна со левата нога, вториот гол со глава, а третиот гол со десната нога.
Се чини дека секоја сезона тој соборува нов рекорд. Лани постигнуваше голови на првите 11 натпревари (вкупно 16 погодоци), што исто така е рекорд. Тогаш на првите пет средби Левандовски постигна девет гола и го израмни рекордот на Питер Мејер од Борусија Менхенгладбах во сезоната 1967/1968.
Вкупно во ланската сезона Левандовски постигна 55 гола на 47 натпревари во сите натпреварувања, од кои 34 на 31 меч во Бундес-лигата, односно 15 на 11 натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ). Сезонава, во просек тој постигнува гол на секои 37 минути од времето што го поминал во игра.

Баерн, пак, стана првиот тим што 21 пат ја затресе противничката мрежа во првите пет кола во Бундес-лигата. Претходно рекордот со 20 погодока го држеше Борусија Менхенгладбах од сезоната 1973/1974.
Тренерот на Баерн, Ханси Флик, рече дека единственото нешто што го изненадило во врска со Левандовски, кој се соочува со вистински маратон од натпревари од почетокот на сезоната, е тоа што побарал да биде заменет откако го постигнал третиот гол во 60. минута.