Во голем дел од населбите сѐ уште има голем број домаќинства што ги користат дрвата за затоплување на домовите. Но набавката и истоварот на дрвата пред домовите на корисниците на дрва за огрев прават голем проблем блокирајќи го сообраќајниот проток по малите улички. Ваквиот проблем го има речиси во секоја општина и населба, а голем број граѓани револтирано се јавуваат и реагираат на ваквото однесување на нивните соседи. Како да се реши овој проблем што се повторува секоја година?
Како што доаѓа студеното време, граѓаните што своите домови ги затоплуваат со печки на дрва интензивно се подготвуваат набавувајќи дрва. Меѓутоа, голем дел од нив при набавката, односно истоварот на истите тие пред своите домови, узурпираат цели улици и тротоари блокирајќи ги со купот дрва. И таа блокада вообичаено трае цел ден, а некогаш и повеќе. Целиот проблем со застојот на секундарните сообраќајници (маалски улички) започнува со доставувањето на дрвата. Камионот ги истовара пред куќите и дворовите, а тоа, за чудо, редовно се случува дури и кај оние граѓани што имаат дворови и можат дрвата да ги сместат внатре, во дворното место. Сепак, се чини полесно им е кога остатоците од сечењето и цепењето на дрвата ќе ги исчистат уличните општински служби за хигиена. Во голем дел од населбите сѐ уште има голем број домаќинства што ги користат дрвата за затоплувањето на домовите, па ова е проблем речиси во секоја општина и населба.
Голем број граѓани револтирано се јавуваат и реагираат на ваквото однесување на нивните соседи. Велат дека иако им е јасно оти дрва мора да се набават, сепак велат дека нивните соседи мора да пронајдат алтернативно решение кога станува збор за набавката, бидејќи додека дрвата се преместат во дворовите, подрумите или гаражите, истите тие стојат со часови на тротоарите и улиците.
– Секоја година го имаме истиот проблем. Секогаш е истото објаснување, дека нема каде да ги сместат. Но и тоа е во ред, соседи сме имаме разбирање, меѓутоа граница мора да има. Не е фер со часови да не можеме возилата да ги паркираме во дворовите, да не можеме да поминеме бидејќи буквално сѐ е блокирано. Немам ништо против, ете, немаат каде да ги остават, но барем нека ги сместат понастрана за колку-толку да може пешак да помине. Еве, јас имам мало бебе со кое морам да одам да пазарам. Живеам сама и нема кој да ми го причува. Го возам во количка, а кога се набавуваат дрвата, тогаш имам огромен проблем. Немам како да поминам, па ризикувам со крената количка во раце да преминувам преку трупци дрва – вели Ана Јанковска.
Меѓутоа, тоа и не е единствениот проблем на кој граѓаните реагираат. Велат дека откога ќе ги пренесат дрвата во своите дворни места, ѓубрето од истите тие останува на улиците, што не прави проблем само за возачите и пешаците, туку и ги затнува атмосферските канализации, бидејќи при еден дожд, остатоците завршуваат токму во атмосферските канализации.
– И кога ни се поплавува улицата се лутат, а всушност самите се виновни за хаосот што го причинуваат. Не сакам да пријавувам затоа што знам дека тоа им е единствен начин за затоплување на домовите, но сепак и тие треба да покажат совесност и човечност и да најдат друг начин – вели таа.
За граѓаните проблем е и нарушувањето на времето за одмор, бидејќи дрва се цепат и во периодите кога законот го забранува тоа.
– Значи не може во периодот кога е време за одмор некој да цепи дрва затоа што нема што да прави. Едноставно ред мора да се има, а доколку го нема, истиот тој треба да се воведе. Мислам дека самите сме си виновни затоа што не пријавуваме. Да го направиме тоа, кога ќе почнат да плаќаат казни, тогаш и ќе се опаметат дека иако се во свој двор, не можат да се однесуваат така како што сакаат. Не може човек ниту дете да успие ниту пак да одмори. Постојано од 15 часот соседот почнува со цепење дрва. Здодевно му е и така си го исполнува времето. Пред некој ден му посочив, но тој ми рече дека во негов двор може да прави што сака. Единствено што ме спречува да пријавам е фактот што сме први соседи и за добро и за лошо сме си тука – вели Ана.
За оваа проблематика од Министерството за внатрешни работи постапуваат по сите пријави од страна на граѓаните во согласност со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Според членот осум од законот, „кој го нарушува мирот на други со пеење, користење музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично), во периодот од 15 до 18 часот и по 23 часот до шест часот наутро, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност“.
Градските власти велат дека не се надлежни по ова прашање.
– Самите објекти и куќи што користат ваков вид греење се на споредни и секундарни улици, кои се во надлежност на општините, па затоа граѓаните треба да се обратат таму за оваа проблематика – информираат од Градот.
Од Општина Бутел информираат дека општинските инспектори го имаат забележано овој проблем.
– Нашите инспектори ги имаат забележано појавите на узурпација на јавен простор (дел од улица, тротоар) за истовар на дрвата или за нивно сечење. Граѓаните имаат право да пријават вакви појави и да побараат од нашите инспектори да се интервенира – велат општинските власти.
Оттаму додаваат дека има законска основа за изрекување санкција.
– Досега имало две-три усни поплаки од граѓани во случај кога граѓаните ги ределе дрвата од надворешната страна на нивната ограда со што узурпирале дел од тротоарот. Инспекторите реагирале со барање веднаш да се отстранат дрвата и да се внесат во дворовите на сопствениците, како што е и постапено. Значи, досега проблемите се решавале со опомени и барања.
Уште еднаш да напоменеме дека граѓаните можат и усно и писмено да се обратат до Општина Бутел, по што веднаш ќе биде интервенирано од страна на нашите инспектори за да се направи увид во состојбата и да се отстрани проблемот – истакнуваат надлежните од Општина Бутел.
Од Општина Аеродром велат дека досега не добиле пријава за узурпиран јавен простор од огревни дрва, но нагласуваат дека граѓаните можат да пријават доколку се појави таков случај.
– Досега до Одделението за инспекциски работи не стигнала пријава за ваков случај, но Општина Аеродром ги охрабрува засегнатите граѓани доколку забележат дека некој го нарушува слободното движење со огревни дрва и слично, да го пријават случајот. Инспекторите ќе излезат на терен и ќе укажат веднаш да бидат отстранети во најкраток можен рок – велат од Општината.