Интернетот и технологијата може да предизвикаат зависност. Проблемот настанува кога електронските уреди почнуваат да го контролираат секојдневниот живот. Светските психолози сериозно ја разгледуваат можноста зависноста од интернет да се најде на меѓународната листа на болести, а нашите, пак, сметаат дека би било добро токму сега да се направи едно истражување во нашава земја, бидејќи онлајн комуникацијата троши голем дел oд секојдневното време на луѓето
Интернет-зависноста силно заѕвони за општествена тревога
Комуникацијата преку интернет, наместо со физичко присуство, е огромна придобивка од здравствен, антиконтагиозен аспект во овие услови на живеење со опасна пандемија. Незамисливо е некој да го почне денот без интернет, без да седне на компјутер или да го земе в раце паметниот телефон. Но интернетот и технологијата без која не функционираат ниту децата ниту возрасните многу лесно може да ги направат луѓето зависни доколку тие изгубат чувство и престанат да бидат свесни за ограничувањата и предизвиците што ги имаат пред себе и поминуваат многу повеќе време во виртуелната реалност.
Меч со две сечила
Проблемот настанува кога електронските уреди почнуваат да го контролираат секојдневниот живот. Светските психолози сериозно ја разгледуваат можноста зависноста од интернет да се најде на меѓународната листа на болести, бидејќи бројот на лицата зависни од компјутерите се зголемува од ден на ден. За оваа зависност говори и фактот дека постепено низ светот се отвораат центри за зависници од интернет и компјутерски игри. Нашите психолози велат би било добро токму сега да се направи едно истражување во нашава земја, бидејќи поради пандемијата онлајн комуникацијата троши голем дел од секојдневното време на луѓето. Тоа ќе покаже колку од луѓето станале зависни од интернетот.
– Немаме некое истражување во земјава за интернет-зависноста, за возраста, дали повеќе се зависни мажите или жените, но генерално од март наваму луѓето се многу поактивни на социјалните мрежи. Сега сите многу користиме интернет, но прашањето е колку е тоа нужно, а колку е зависност од социјални мрежи – вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска.
Децата и младите потенцијални жртви може да имаат најдлабоки последици
Зависноста од интернет најлесно се создава кај децата, особено преку игрите во кои децата емоционално се внесуваат, стануваат зависни од нив и тие им го нарушуваат контактот со реалноста.
– Затоа треба да се обрне внимание до каде одиме со користењето на интернетот, кога децата и младите учат или работат, пишуваат, комуницираат… Со зависноста од интернетот се менува чувството за реалност, односно виртуелната реалност станува реалност. Затоа мора да внесеме и други содржини во животот, како одење во природа на целото семејство, практикување игри во домашни услови. Знаете, добро е тоа што многу луѓе семејно отпатуваа да видат некои села, водопади, ливади, да ги видат убавините на својата татковина, а тоа е секако здраво за целото семејство, за менталното здравје, а така и децата ќе научат за оваа друга реалност што постои и колкава е придобивката од контактот со луѓето. Што повеќе родителите да ги гушкаат своите деца, да поминуваат време со нив. Кога е во прашање зависноста од интернетот, малку е ова што се прави кај нас и сметам дека на луѓето треба да им се нудат алтернативи -појаснува психологот Мирјана Јовановска Стојановска.
Нема НВО што се занимаваат со интернет-зависноста и помагаат
Јасмина Јонуз, магистерка по советодавна психологија, вели дека кај нас сѐ уште нема невладини организации што се занимаваат со интернет-зависноста, како проблем, но тој е тука и актуелен е и кај нас, а зафатени се претежно помладите.
– Последниве недели честопати ми доаѓаат основци што веќе станале зависни од своите мобилни телефони и интернетот. Мајките велат: „Не можам да ја одделам од телефонот“ и тоа дејствува малку аутистички. Тоа инструментално условува, всушност тоа е добивање инстант-награда, како браво за направеното, 100 лајка за една фотографија и инстант-наградата е тука, веднаш има фидбек и младите често сакаат да го прават тоа, сакаат инстант-задоволства. Сега периодов толку многу потребната социјалната поврзаност преку Зум, Скајп, Фејсбук поради потребата да се избегне физичкото присуство и ни служи да ги искористиме ресурсите, но може и да премине во анксиозност. Сѐ уште нема официјални институции што се занимаваат со оваа проблематика на интернет-зависноста, но ние психолозите даваме дополнителна поддршка. Можам да кажам дека ние постарите генерации сме поштедени од оваа зависност, бидејќи телефоните, компјутерите и таблетите не беа во голем дел од нашиот живот. Но сѐ повидливо станува дека младите, а не се исклучени и некои од повозрасните, поминуваат многу време на интернет, односно веќе одат кон неумереност. Затоа гледате деца што наместо надвор да играат игри, стојат и сите гледаат во телефоните. Едноставно инстант-наградата им ја поткрева самодовербата и инстант-задоволствата се тука, потребата од поврзаност, која е оправдана до некаде, но проблемот настанува кога интернетот почнува да влијае на квалитетот на животот – смета м-р Јасмина Јонуз.
Притоа, таа дообјаснува дека може да дојде до анксиозност ако прекумерно се читаат лоши вести, вести за ковид-19… Таквата намалена комуникација во живо може да доведе и до генерации што кога ќе станат возрасни ќе имаат намалени вештини за работа. Интернетот го олеснува животот, да ја користиме технологијата, а не обратно, односно да не нѐ користи таа нас.
– Првото нешто што може да ни помогне во таа насока е свесност, забележување дека проблемот постои и тука може многу да помогнат медиумите, невладините организации, за луѓето најпрвин да добијат информација за тоа дека зависноста постои веќе и кај нас како проблем. Нешто што се чини дека тоа е толку одобрено од околината кога сите седат и гледаат во телефоните, било да се на кафе или на ручек во ресторан. Помош од ваквата зависност има, а спасот е само ако се скрати времето поминато на интернет-поврзаност.
Зависноста од интернет како дијагноза
Една американска студија на универзитетот „Бејлор“ вели дека 60 отсто од испитаниците се зависни од интернетот и покажала дека женските испитаници се позависни. Но зависноста од интернет како дијагноза официјално сѐ уште не е востановена, не е препознаена како дијагноза, но неофицијално се поврзува со зависност, како што е коцкањето. А оваа зависност пречи во работата, во учењето, бидејќи е нарушено вниманието – вели психолог Јасмина Јонуз.
Според некои истражувања, се смета дека постојат пет типа интернет-зависности. Зависност од тоа што претпочита некој, кои интернет-страници најчесто ги посетува, направена е поделба во однос на типологијата на зависност. Па се препознаваат компулсивни истражувачи на информации, потоа патолошки корисници на електронска пошта, опсесивни играчи на мрежа како коцкање, интерактивно играње, опседнати со сајбер-секс и зависници од виртуелни врски и пријателства.