Гербиц сега има повеќе од 1.000 гола во ЛШ, а од претходно повеќе од 2.000 погодока во унгарскиот шампионат и над 1.100 за унгарската репрезентација
РАКОМЕТ
Никој не се родил како победник. Треба со трпеливост да поминете преку поразите за да стигнете на врвот, вели најдобрата унгарска ракометарка Анита Гербиц (37), која викендов ја надмина бројката од 1.000 гола во Лигата на шампионите (ЛШ).
Својата професионална ракометна кариера Гербиц ја почна пред речиси 20 години со дебитантскиот настап за Ѓер во ЛШ, кога со 17 години реализира четири гола во победата над Лублин (23-19). Во целата кариера Гербиц е дел од 15-кратниот унгарски првак Ѓер за кого одигра речиси 200 меча во најсилното европско клупско натпреварување и пет пати како капитенка го крена победничкиот трофеј во ЛШ.
Со четирите гола во саботниот меч против Одензе, Гербиц ја помина границата од 1.000 гола и стана првата ракометарка што стигнала до четирицифрен резултат во најсилното женско клупско натпреварување. Гербиц сезонава има тројна улога во редовите на унгарскиот шампион. Освен што е капитенка и организаторка на играта на Ѓер, таа му е и помошник-тренерка на Габор Дани во унгарскиот тим.
Со овој резултат, Гербиц ја комплетира четирицифрената збирка погодоци во сите категории во кои играла. Во јануари 2018 година, Гербиц ја надмина бројката од 2.000 погодока во унгарскиот шампионат, а 1.111 погодока има и во националниот дрес, кој го носела 232 пати.
Второто место на вечната листа на стрелци во Лигата на шампионите за жени го има Црногорката Катарина Булатовиќ со 869 гола, а трета е Србинката Андреа Лекиќ со 806 гола.