Предлогот, наречен „Голема слика“, содржи намалување на Премиер-лигата на 18 тима, укинување на Лига-купот, на мечот за Суперкупот и на солидарните плаќања на клубовите што испаѓаат, промена на сегашниот систем одлуки да се донесуваат за мнозинство од 14 клуба итн. Плановите наидоа на критики од Премиер-лигата, Владата и од симпатизерите

Фудбал – ПО ИНИЦИЈАТИВА НА ЛИВЕРПУЛ И НА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Двата најтрофејни англиски фудбалски клуба, Ливерпул и Манчестер јунајтед, предлагаат радикални реформи во Премиер-лигата, наречени „Голема слика“. За очекување е тој предлог да добие поддршка од Арсенал, Челси, Манчестер сити и од Тотенхем, преостанатите членови на „големата шестка“ на Англија, плус Евертон, Вест Хем и Саутемптон, пишува „Би-би-си“.
Според тој предлог, Премиер-лигата од сегашните 20 тима би се намалила на 18, а Чемпионшип, Лига 1 и Лига 2 би останале со по 24 екипи. Двете последнопласирани екипи во Премиер-лигата би испаѓале автоматски, а екипата на 16-та позиција би им се приклучила на трето, четврто и на петтопласираната екипа во плејофот во Чемпионшип за уште едно место во Премиер-лигата.
Предлогот содржи укинување на Лига-купот и на мечот од Суперкупот, укинување на солидарните плаќања на клубовите што испаѓаат. Фондот за спасување во износ од 250 милиони фунти (275,8 милиони евра) веднаш би ѝ бил на располагање на Англиската фудбалска лига (ЕФЛ) и 25 отсто од приходите на Премиер-лигата, како и 100 милиони фунти (110 милиони евра) на Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), како надомест или „подарок“, пишува „Би-би-си“. Девет клуба би добиле „специјални права на глас“ за одредени прашања, засновани врз нивните досегашни настапи и успеси во Премиер-лигата. Со тоа би се променил сегашниот систем одлуките да се донесуваат со мнозинство од 14 гласа. Не е утврден датумот за почеток на предложената лига во нов формат, но се претпоставуваа дека тоа би можело да биде од сезоната 2022/2023. Таквите планови наидоа на критики од Премиер-лигата, од Владата и од навивачки групи.

– Англискиот фудбал е најгледан во светот и има динамична и конкурентна структура во лигата, што предизвикува интересирање низ целиот свет. За да ја задржиме таа позиција, важно е сите да работиме заедно. Фудбалот има многу засегнати страни, затоа оваа работа треба да се спроведе преку соодветни канали, овозможувајќи им на сите клубови и засегнати страни можност да придонесат – пишува во соопштението на Премиер-лигата, пренесува „Би-би-си“.
Од Премиер-лигата додаваат и дека „голем број индивидуални предлози може да имаат штетно влијание врз фудбалот во целина и дека се разочарани кога гледаат дека Рик Пари, претседателот на ЕФЛ, му дава поддршка на предлогот“.