Куманово
Во организација на ТК Куманово 2010 од овој град и на Тениската федерација на Македонија, викендов на тенискиот комплекс кај спортската сала во Куманово се одржа Отвореното републичко првенство за тенисери јуниори до 12 години.
На Отвореното тениско првенство на Македонија настапија 19 јуниори и 8 јуниорки од вкупно 11 тениски клуба од државата. Учествуваа спортисти од домашните клубови ТК Куманово 2010 и ТК Тумба, ТК Југ, ТК МТП, ТК Академија, ТК ИТЦМ и ТК Фан тенис од Скопје, како и од ТК Неготино, ТК Нет од Струмица, ТК Битола и ТК Охрид.
По дводневните натпревари, на Отвореното тениско првенство на Македонија во машка конкуренција победник стана јуниорот Ерион Незири од ТК Фан тенис од Скопје, кој во финалето со 2:0 во сетови (6:3 и 6:3) го совлада Александар Грујиќ од ТК Нет од Струмица. Додека, пак, во женска конкуренција победничка стана јуниорката Ива Кецкарова од ТК Охрид, која во финалето со 2:0 во сетови (6:4 и 7:6) ја совлада Исидора Павковиќ од ТК МТП од Скопје. Т.Д.