Заврши реконструкцијата и доградбата на полетувалиштето за параглајдеристи во Крушево, како еден од најголемите туристички потенцијали за авантуристички туризам во Пелагонискиот регион и во целата држава. Исто така се изврши набавка и монтажа на вештачка трева за полетувалиште на површина од 2.042 метри квадратни во рамки на Програмата за рамномерен регионален развој.
– Во рамки на овој проект сакаме да се подобри искористувањето на туристичките потенцијали на Крушево, како и зголемување на влијанието на Пелагонија како туристичка дестинација. Крушевчани треба да се горди на овој проект кој чини 4 милиони денари, бидејќи ќе придонесе за зголемување на туристите од странство во иднина, а со тоа градот ќе има и економскиот раст. Потребно е сите општини во иднина да предлагаат проекти кои ќе се од особено значење за локалните жители се со цел да се подобри животниот стандард – истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Вкупната сума за развој на Крушевскиот регион е околу 4 милиони денари.
– Веќе 3 години работиме на проекти и инвестираме во туризмот. Изработивме стратегија за туризам и ги детектиравме главните потреби во оваа област. Поставувањето на нова вештачка трева и уредувањето на параглајдинг полетувалиштето е проект кој го унапредува ова место каде што секоја година се одржуваат бројни меѓународни натпревари. Тука доаѓаат илјадници спортисти од целиот свет, а новата вештачка трева обезбедува побезбедно полетување и професионална организација на меѓународните натпревари. Горд сум што Крушево станува топ 3 светска дестинација за авантуристички туризам благодарение на проектите кои ги имплементираме со централната власт – изјави градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.
Во 2021 година во Крушево ќе се одржи Светското првенство во змајарство, а од годинава официјално стана тест центар за еден од најголемите произведувачи на падобрани.