Николаос Микалолиакос, лидерот на грчката радикална десничарска партија Златна зора, која се закануваше со граѓанска војна и со дерење на кожите на мигрантите, вчера не се соочи лично со пресудата. Микалолиакос, исто како и други лидери на партијата, беа отсутни од судот во Атина додека судијата ги читаше пресудите, пренесува „Гардијан“.
Михалолиакос е еден од 68-те обвинети во судскиот процес, а нејзините членови се вклучени во едно убиство и два обида за убиства. Тие се обвинети за водење криминална групација под фасада на политичка организација. Обвиненијата вклучуваат нелегално поседување оружје и бруталност кон политичките ривали. Обвинетите ги негираа сите обвиненија и тврдат дека станува збор за политичко заплашување. Златна зора, која беше одговорна за долгогодишната кампања на насилство и заплашување врз мигрантите, ЛГБТ-заедницата и врз политичките противници, вчера беше прогласена за криминална организација.
Пресудата е кулминација на долгиот судски процес што некои активисти го нарекоа најголемото судење на нацисти од времето на Нирнберг, предизвикано од убиството на антифашистичкиот грчки рапер Павлос Фисас во 2013 година, кога Златна зора беше трета најголема политичка сила во Грција.
Судењето, кое траеше повеќе од пет години, ефикасно го запре функционирањето на Златна зора. Пресудата сега ѝ нуди на Грција шанса да затвори едно болно поглавје од нејзината понова историја. Партијата за тешката ситуација на Грција ги обвинуваше мигрантите и бегалците, политичките неистомисленици и глобалната банкарска елита.
Партијата паралелно управуваше и со паравоени единици, кои личеа на верен култ. Како што растеше Златна зора, одреди со униформи, кои понекогаш беа вооружени, се обидуваа да ги заземат населбите во грчките градови, напаѓајќи и заплашувајќи делови од локалното население. Голем дел од насилството беше извршено отворено, а сепак со години поминуваше неказнето.
– Грција, како и многу други земји, страдаше од нацизмот. Во нашата земја нема место за неговите мимики и следбеници – напиша премиерот Кирјакос Мицотакис во негова колумна, осврнувајќи се на разорната окупација на земјата од страна на Германија за време на Втората светска војна.
Сепак, судењето на партијата покрена низа прашања кои мора да бидат одговорени. Пред сѐ, зошто на Златна зора ѝ беше дозволено да оперира непречено толку долго време? Насилната историја на партијата се провлекува назад до 90-тите години на минатиот век, а таа има и голем број приврзаници во полицијата. Има и пошироки политички прашања. Дали Нова демократија, владејачката партија во времето на изборниот успех на Златна зора, која и денес повторно е во владата, сметаше дека е корисно Златна зора да дејствува како противтежа на нејзиниот противник од левицата СИРИЗА?
Грчкото општество мора да се соочи и со непријатното прашање, зошто убиството на Фисас ја прели чашата и предизвика реакции против Златна зора, кога постоеја веќе добро документирани напади врз мигранти, кои не успеаја да го постигнат истиот ефект?
Овие прашања се важни, не само за Грција. Би било лесно Златна зора да се карактеризира како аберација, која ја враќаше земјата кон најмрачните моменти на 20 век. Но, насилството на екстремно десничарските движења е на многу начини, симптом на проблемот, а не негова причина, а условите што го родија ваквото насилство се наоѓаат и во други земји во светот. Честопати, постои и искушение да се одрекнува ваквото насилство, да се објаснува како обичен, па дури и разумен дел од политиката.
Дури и во екстремен случај како што е Златна зора, во јули 2013 година, два месеци пред убиството на Фисас, колумнистот на „Спектатор“, Таки Теодоракопулос, напиша дека членовите на партијата се „добри, старомодни грчки патриоти“, кои се лути на миграцијата и на политичката коректност.
Најважниот дел од приказната не е тоа што Златна зора вчера беше осудена. Најважниот дел беа активистите за човекови права и новинарите, сведоците и антифашистичките движења кои организираа протести, со цел да се документираат и најдат докази, без кои оваа пресуда немаше да биде донесена. Пресудата на Златна зора нанесе силен удар врз расизмот, дискриминацијата и екстремниот десничарски национализам во Грција.