Еврокомесарот за проширување и добрососедство Оливер Вархеји денеска го презентира Извештајот за напредокот, Пакетот за проширување и Инвестицискиот план за Западен Балкан.
Во извештајот, меѓудругото се наведува дека Македонија продолжила да ги спроведува реформите поврзани со ЕУ во текот на целиот период на известување. Продолжиле напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, вклучително и со активирање на постојните механизми на контрола преку дискусии и дебати за теми поврзани со клучните политики и законодавството.
Исто така, опозициските партии останале ангажирани во Собранието и поддржале клучни прашања од заеднички национален интерес, како што се реформите поврзани со ЕУ и процесот на интеграција во НАТО, на која Македонија се приклучи во март 2020 година.
Канцеларијата за демократски институции и човекови права при Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ / ОДИХР) оцени дека парламентарните избори биле генерално добро спроведени.
– Северна Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација. Постигнате е одреден напредок во подобрување на транспарентноста, со усвојување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, операционализација на порталот за отворени податоци на владата и објавување на податоци за владините трошоци.
Имаше добар напредок во спроведувањето на стратегијата за реформи во судството, притоа имајќи ги предвид „Итните реформски приоритети“ и препораките од Венецијанската комисија и Групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото. Сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план на стратегијата за реформи во судството.
Државната комисија за спречување корупција е особено проактивна во спречувањето корупција и отвори голем број случаи, меѓу кои и такви што вклучуваат високи функционери од целиот политички спектар. Поранешната главна специјална обвинителка беше осудена во јуни 2020 година, во врска со наводно изнудување и злоупотреба на службената положба во врска со случај на Специјалното обвинителство. Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувато и борба против корупцијата.
Земјата има одредено ниво на подготовка во борбата против организираниот криминал. Постигнат е одреден напредок во борбата против тероризмот.
Земјата има одредено ниво на подготовка/е умерено подготвена во областа на слободата на изразување и постигна ограничен напредок за време на периодот на известување. Од суштинско значење е да се продолжи со поддршка на плурализмот во медиумите, промовирање на професионализам, непристрасно известување и истражувачко новинарство и градење отпорност за ефикасна борба против дезинформации. Финансиската одржливост на независните медиуми и условите за работа на новинарите остануваат предизвик.
Во однос на регионалната соработка, земјата ги задржа добрите односи со другите земји опфатени со проширувањето и активно учествуваше во регионални иницијативи. Важно е да се продолжи со имплементација на билатерални договори, вклучително и договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.
Од април 2020 година, кризата со КОВИД-19 остави свој белег врз економијата и јавните финансии.
Во наредниот период, потребен е поголем фокус и на административниот капацитет и ефективната имплементација. Земјата продолжи да ја подобрува својата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ – стои во заклучоците на извештајот.