Писателката Светлана Алексијевич, добитничка на Нобелова награда, последната истакната членка на опозициското движење за слободна Белорусија, ја напушти земјата од страв за својата безбедност. Оваа 72-годишната писателка, која е наградена со Нобелова награда во 2015, наводно, ја напуштила државата со авион на белоруската компанија „Белавиа“, заминувајќи во Берлин.
На почетокот на овој месец, таа објави дека останува единствениот член на претседателството на опозициското движење што не е во притвор или во егзил.
Алексијевич беше блиска соработничка на опозициската лидерка Светлана Тихановска, која, според службените резултати, кои ги негираше опозицијата, заврши на второто место на претседателските избори одржани кон крајот на претходниот месец. Поддржувачите на Тихановска веруваат дека таа е вистинскиот победник.
Таа побегна во соседна Литванија неколку дена по изборите на 9 август, за време на насилното задушување на протестите против изборните резултати. Оттогаш во Белорусија се одржуваат протести секој ден, а приведени се повеќе од седум илјади протестанти.
Претседателот Александер Лукашенко, кој е на власт повеќе од 26 години, претходната недела беше инаугуриран на тајна церемонија во Минск.
Европската Унија ги прогласи изборите, на кои тој го доби шестиот мандат, за „ни слободни, ни праведни“, а исто така го осуди и насилното однесување на полицијата на мирните протести. ЕУ одбива да го признае Лукашенко како претседател.