Во најголемото училиште во Кичево, започна наставата со мали проблеми

Денес првиот училишен ден го започнаа 155 првачиња во најголемото основно училиште во Кичево ОУ „Санде Штерјоски“ , каде наставата ја следат 1.448 ученици од прво до деветто одделение, на три наставни јазика. Настава со физичко присуство во ова училиште ќе следат учениците од прво до трето одделение, додека учениците од повисоките оделенија настава ќе следат онлајн. На првиот училишен ден речиси да немаше отсутни ученици, што е добар предзнак на почетокот на новата учебна година.

– Денес го започнавме првиот училишен ден со физичко присуство со учениците од прво до трето оделение, кои ќе следат настава во живо. За ваков вид на настава во нашето училиште имаме вкупно 428 ученици, кои ќе ја посетуваат наставата во две смени, со сите протоколи пропишани од страна на Министерството за здравство. Бидејќи имаме три паралелки со повеќе од 20 ученици, овие паралелки ќе бидат поделени. Пропишавме и кодекс на однесување за сите присутни во училиштето, а за првачињата организиравме симулација, како треба да се движат низ училиштето и како да се однесуваат, што сметаме дека ќе им биде од полза во наредниот период – рече директорот на ова училиште, Јонуз Пињоли.

Тој се пожали на системот за следење онлајн настава, кој често паѓа и очекува овој проблем деновиве целосно да се надмине. Пињоли додаде дека, помал дел од учениците, поради немање на компјутер, тешко ќе можат да следат настава во далечина, што било укажано и од нивните родители. З.А.