Министерството за одбрана на Азербејџан во средата објави дека вооружените сили на земјата успеале да го деактивираат ерменскиот ракетен систем земја-воздух „С-300“ за време на вооружените судири во зоната на конфликтот во Нагорно-Карабах, пренесува ТАСС.

– За време на борбите на територијата на населбата Шушакенд во областа Хоџали, Мартуни, беше уништен противвоздушен ракетен систем С-300 кој му припаѓаше на непријателот – се вели во соопштението на Министерството.

Според агенцијата, за да ги врати изгубените позиции, ерменската страна концентрирала дополнителни сили во правец кон Матагиз и утрото на 30 септември се обидела да нападне.

Министерството за одбрана на Азербејџан предупреди во вторникот дека вооружените сили на земјата ќе ги уништат ерменските ракетни системи за противвоздушна одбрана С-300 (АДМС) ако се појават во Нагорно- Карабах.

На 27 септември Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдеше дека вооружените сили на Азербејџан почнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.

Двете страни пријавија жртви и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.

Во периодот 1992-1994 година тензиите зовреа и ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под закрила на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од нејзините тројца копретседатели – Русија, Франција и САД.