„Џифони“ е место каде што се раѓаат единствени другарства и големи идеи. Затоа, не ги насочуваме младите, ние им нудиме место, информации и алатки за тие да ги развијат сопствените идеи и да израснат во креативни, свесни и одговорни возрасни луѓе, кои ќе можат да го подобрат светот, вели Деа Крстевска Тамборини, програмска директорка на фестивалот
Актуелни детски и младински филмови, дискусија, креативни работилници, проекции на кратки и анимирани филмови, проекции на нови остварувања од млади автори, средби со познати личности – сето ова е дел од програмата на 8-от филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“, кој почна во петокот, а завршува в среда.
Најголемиот дел од програмата наменета за младите учесници се одвива онлајн, а во вечерните часови има пет филмски проекции во живо.
Фестивалот беше отворен во петокот вечер, во Кинотеката на Македонија, со проекција на италијанскиот филм „Мојот брат брка диносауруси“, кој Европската филмска академија го избра за најдобар филм за млада публика за 2020 година.
– Задоволство ми е што стигнавме до осмото издание на „Џифони Македонија“, во кое преку онлајн врска сакаме да придонесеме духот на Џифони да влезе во нивните домови, а и кај 50 млади од 12 држави надвор од Македонија, кои ќе се дружат со нашите џифонци. Ова издание го направивме, хибридно. За среќа, го имаме летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, кое периодов стана култно, но главната програма се одвива онлајн. Благодарение на поддршката на ОБСЕ, добивме платформа – отворена врата за младите да ги споделат своите идеи на едно место – рече Дарко Башески, извршен директор на „Џифони Македонија“, на отворањето на фестивалот.
Преку видеоврска на отворањето учествуваа и 15 млади од „Џифони“ заедно со директорот и основач на „Џифони Италија“, Клаудио Губитози.
– Во оваа необична година, во која на патот ни излегоа нови предизвици, се охрабривме и направиме одлично 50-то издание, и покрај тешкотиите со кои се соочи светот годинава. Годинашното искуство ни отвори нови хоризонти, не можевме да замислиме дека ќе треба да измислуваме нови начини да се доближиме до нашите учесници. Активностите на јубилејното издание ќе траат до крајот на годината – посочи Губитози.
Присутните ги поздрави италијанскиот амбасадор во земјава, Карло Ромео, за кого ова е последно издание на фестивалот, зашто му завршува мисијата во Македонија.
Во официјалната програма 12 долгометражни филма
Темата на „Џифони Македонија 2020“ е „Земја“, како дел тригодишниот циклус посветен на животната средина (2018 – „Вода“, 2019 – „Воздух“), кој се совпаѓа со 50-годишнината од основањето на матичниот фестивал „Џифони експериенс“.
Официјалната филмска програма наменета на учесниците вклучува 12 долгометражни играни филмови што се натпреваруваат во три категории, според возраста на младите учесници членови на жирито: јуниори (од 6-то до 9-то одделение), кадети (прва и втора година средно) и сениори (трета и четврта година средно).
Во уште четири натпреварувачки категории со 35 краткометражни филмови се гласа и за најдобар краток филм, анимиран филм, како и за најдобар краток филм од млади автори ученици или студенти.
– Светот се менува, но вредностите што ги промовираме се универзална категорија, која не познава граници, ниту технологии. Тоа е љубов кон културата и филмот, почит и грижа за другите и за човековата средина, запознавање на различното, развивање сопствена критична мисла. Нашите млади учесници знаат дека „Џифони“ е место каде што се раѓаат единствени другарства и големи идеи. Затоа, не ги насочуваме младите, ние им нудиме место, информации и алатки за тие да ги развијат сопствените идеи и да израснат во креативни, свесни и одговорни возрасни луѓе, способни за големи дела во која било животна или професионална област, со еден збор – луѓе што ќе можат да го подобрат светот – вели Деа Крстевска Тамборини, програмска директорка на фестивалот.
Креативни работилници
Во рамките на активностите за различна возраст на учесниците, јуниорите се дел од ликовна работилница каде што секој може да ја испроба својата креативност и да научи нешто ново за сликарските тајни и техники. Годинава оваа работилница е фокусирана на креации инспирирани од планетата Земја, а ја води академската сликарка Моника Мотеска.
Филмската музика е во фокусот на музичката работилница што ја модерира виолинистката и писателка Лада Шоптрајанова-Петровска.
Едукативниот центар за компјутерско образование „Едуфронт“ од Скопје ја држи работилницата „Програмирање со Scratch“. „ПрограмИграм во Scratch“, каде што младите учесници во текот на петдневната работилница се воведуваат во програмирањето со најинтуитивниот програмски јазик Scratch.
Кадетите и сениорите имаат шанса да работат на теми од фотографијата, анимацијата, дигиталниот дизајн. Професионалниот фотограф со долгогодишно искуство Роберт Јанкулоски ги воведе џифонци во уметноста што крие многу тајни.
Поетесата Елена Пренџова ја раководи работилницата за креативно пишување.
Со едноставни апликации и со својата богата имагинација учениците создаваат кратки анимирани филмови на работилницата, која е под менторство на Крсте Господиновски, професор по анимација на Факултетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА и режисер на анимирани филмови.
Еден од најпознатите илустратори и стрип-цртачи во Македонија, Михајло Димитриевски-Де Мичо, им откри на учесниците неколку брзи техники и трикови за создавање уникатни цртани ликови.
Работилницата за графички дизајн ја води Ладислав Цветковски, професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Кадетите и сениорите имаа мастерклас со режисерот Леон Ристов, автор на филмот „Ќе му се јавам на татко ти“. Неговиот краток филм влезе во програмата на Сараевскиот филмски фестивал. А со Мартин Чичовски разговараа на тема „Како одлучивме да снимиме серија“.? Станува збор за група средношколци учесници на „Џифони Македонија“, кои летово снимија своја серија.