Путин им предложи на Европејците и на најголемите сили од јужната хемисфера да избегнат какво било мешање во евентуална американско-кинеска студена војна
АМЕРИКАНСКО ТОЛКУВАЊЕ НА НАМЕРИТЕ НА КРЕМЉ
Рускиот претседател Владимир Путин не го одржа обраќањето што го планираше на септемвриското заседание на Генералното собрание на Обединетите нации. Всушност, тој дури и не беше физички присутен во Њујорк. Ова е далеку од неговите наводни планови, според кои 2020 година требаше да биде триумфална пресвртница за Русија, прославувајќи ја седумдесет и петтата годишнина од улогата на Москва во поразот на нацистичката закана и во создавањето на повоениот меѓународен систем. Во таква атмосфера, Путин требаше да пристигне во Њујорк и да ги доведе другите четири постојани членки на Советот за безбедност да одржат глобален самит. Пандемијата на коронавирусот ги уништи таквите планови, но ехото на овие аспирации остана во обраќањето што Путин го имаше од Кремљ.
Како и да е, говорот е еднакво важен за разбирање на размислувањата на Путин, бидејќи тој дава претстава за глобалниот систем и за улогата што Русија очекува да ја игра оваа деценија, како и имплицитните предупредувања до САД.
Путин секогаш нагласувал дека го сака системот на група големи сили кога станува збор за управување со светските работи и ја повторувал својата визија за Обединетите нации и особено за неговиот Совет за безбедност како таков форум. Ако правилно се користи, смета Путин, тој „помага да се спречат еднострани активности што може да резултираат со директна воена конфронтација меѓу големите држави и дава можност да се бара компромис или барем да се избегнат решенија што би биле целосно неприфатливи за другите.“ Надвор од Обединетите нации и нивниот Г5 (Кина, Франција, Русија, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави), Путин исто така даде поддршка за Г20, чие претседателство го имаат неговиот некогашен партнер за регулирање на меѓународната цена на енергентите, Саудиска Арабија, и нејзиниот престолонаследник Мохамед бин Салман. Она што е интересно, се разбира, е тоа што ова се двете тела за кои Путин чувствува дека ќе ги преземат водечките улоги во управувањето со меѓународните работи. Двете ја вклучуваат Русија и во нив САД не можат да доминираат во агендата или решенијата.
Тоа што уште повеќе зачудува е имплицитниот предлог на Путин до Европејците и до најголемите сили од јужната хемисфера да избегнат вклучување во каква било евентуална американско-кинеска студена војна. Неговите предлози за безбедни, трговски коридори без санкции и неговото воскреснување на идејата за поголемо евроазиско партнерство и за поставување ограничувања на сајбер-војната и други несоодветни активности што може да ги нарушат меѓународната трговија и просперитетот (вклучувајќи ја и употребата на санкции од страна на САД) се дизајнирани да создадат улога за Русија како де факто шеф на новиот блок неврзани држави, кои не сакаат да бидат принудени да избираат помеѓу Вашингтон или Пекинг, односно да мора да прифаќаат американски или кинески агенди. Овој говор го следи образецот што е забележан во однос на тоа како Русија дипломатски ја користи својата вакцина против новиот коронавирус (што Путин конкретно ја спомна) за да допре до групата средни сили што балансираат помеѓу Истокот и Западот.
Се чини дека Путин се надева дека растечката моќ на кинеските критичари што заговараат конфликт во двете најголеми партии во САД ќе создаде загриженост, дури и меѓу сојузниците на САД, дека ќе бидат вовлечени во студена војна меѓу Вашингтон и Пекинг.
Тој исто така се надева дека државите ќе ги прифатат руските предлози, како и дека ќе бидат поттикнати да ја одржат руската економска моќ и да не потклекнат под притисоците од САД за воведување санкции против Москва. Ако втората администрација на Доналд Трамп или првата администрација на Џо Бајден не биде подготвена да се пазари и да прави компромиси со Русија, вклучувајќи ја важната одредба за прифаќање на дефиницијата на Русија за „суверена демократија“, тогаш Москва би можела да преземе чекори за да ги зголеми трошоците за САД или да прави работи што не им одат во прилог на американските интереси.
Путин и претходно даваше вакви изјави, но не наиде на поголеми ентузијасти. Ниту Трамп ниту Бајден (но ниту Си Џинпинг) не изгледаат заинтересирано да прифатат некаква усогласена група на светски сили, додека европските лидери, кои се згрозени од кинеските и руските активности во изминатата година, засега повеќе сакаат да се зајакне „демократската заедница“ отколку да се приклучат кон Русија за да ги балансираат односите со Вашингтон и Пекинг. Останува да се види дали некои од овие предлози ќе добијат поддршка за реализација на наредниот самит на Г20 во ноември, чиј домаќин е Саудиска Арабија.