Балетското дело „Болеро“ за првпат кај нас е поставено пред 30 години од кореографката Олга Милосављева. Препородено како омаж кон неа и сите балетски уметници кои своевремено несебично давале сè од себе да ја издигнат балетската уметност во Македонија, „Болеро“ годинава го креираат 12 балерини од МОБ со кореографија на Саша Ефтимова, кои со маски и други ковид-протоколи го вежбаат во најтоплите денови на годината, за премиерно да биде изведено на „Охридско лето“.


Учесници од балетскиот ансамбл се Ангела Богатинова, Медина Јусуфовиќ, Христина Накевска, Илијана Данилов, Ангела Велевска, Мила Ниновска, Бојана Христовска, Ивана Димкоска, Мартина Димовска, Меланија Гоцевска, Андријана Богатиноска и Симона Митовска.

Нивниот потфат во серија фотографии е документиран од Александар Томовски а видеозаписот го пренесува целиот процес на подготовки, труд, посветеност и ентузијазам вложен во изведување на танцовите движења на ова дело.