Атина – Закинтос, Кефалонија и Итака во Грција се во центарот на циклонот Јанос, а силниот ветер од 90 километри на час и обилните врнежи од дожд предизвикаа проблеми во напојувањето. Најновите прогнози покажуваат дека овој исклучително редок циклон може да биде најсилниот во историјата на овие простори. Во западна Грција е прогласена вонредна состојба, поради налети на силен ветер, грмежи и поројни врнежи од дожд. (АНА).

Приштина – Претседателот на Косово, Хашим Тачи, ќе му додели Орден на слободата на американскиот претседател Доналд Трамп, највисоката награда на Косово, за неговата улога во постигнувањето договор меѓу Србија и Косово за нормализирање на економските односи. Во писмото до Трамп, Тачи изразува „длабока благодарност за неговиот личен придонес во постигнувањето на договорот“ и го кани да го посети Косово. Советникот за национална безбедност на САД, Роберт О’Брајан, и специјалниот пратеник на Трамп за преговори меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, ќе добијат претседателски медали за заслуги. (РСЕ)


Бисер балкански

Евролицемери штедат во евра

– Во контекст на веродостојноста на политичките стојалишта на противниците на еврото, а меѓу нив се и оние што имаат и штедни депозити во европската валута, мораме да дадеме одговор на едно едноставно прашање: зошто заштедата не ви е во куни? Ако одлуката е последица на рационалната одлука дека европската заштеда претставува помал ризик за вредноста што ја поседуваат, тогаш всушност се и верификувани клучните аргументи за воведување на еврото. Ако таа одлука, пак, не е последица на таква аргументација, тогаш се наметнува прашањето колку луѓе што се неспособни да донесуваат рационални одлуки за сопствената заштеда се адекватни да донесуваат одлуки за иднината на националната монетарна политика – рече Марко Биочина, во коментарот за „Јутарњи лист“, за разоткривањето на групата „евролицемери“, во кои се и истакнати сегашни и поранешни пратеници, кои во своето политичко дејствување јавно се против влезот на Хрватска во еврозоната и на воведувањето на еврото, додека „тајно“ во таа валута го чуваат значителниот дел од целата нивна заштеда. Во евролицемерите има припадници од крајната левица до крајната десница.