Барањата на одбраната на Миле Јанакиески, да бидат сослушани како сведоци повеќе лица, меѓу кои и Ивица Коневски, Кирил Божиновски и владиката Агатангел, беа отфрлени од судот како неосновани, на судењето за насилството пред Општина Центар во јуни 2013 година, пренесуваат повеќе медиуми.
Одбраната на Јанакиески на почетокот на денешното рочиште, побара од судот во дополнителна доказна постапка да бидат сослушани Коневски и Божиновски, како и да бидат презентирани сите прислушувани разговори, доколку постојат такви, меѓу нивниот клиент и Томислав Лазаров. Миле Јанакиески побара разбирање од судот да му бидат прифатени барем два-три сведоци, откако како одбрана предложиле 15 сведоци и досега не е сослушан ниту еден. Обвинетиот Александар Трајковски, побара од Судот да биде сослушан владиката Агатангел. Сослушување на владиката Агатангел, побара и адвокатот по службена должност на Никола Груевски.
Судијата Душко Јосифовски, пак, истакна дека барањата за дел од материјалните докази се прифатливи. Обвинителот Љубомир Бубевски рече дека дополнителните материјалните докази, кои се документи и записници, се прифатливи.
Денешното рочиште продолжува со изведување на дополнителни материјани докази, преложени од одбраната, кои судот прифати да бидат изведени во дополнителна постапка.
Во „Насилство во Општина Центар” обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, поранешниот министер за транспорт и врски Јанакиески, како и поранечната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и осум други лица.