МАВРОВО
На релито „Независност 2020“, кое по 29-ти пат се одржа на патиштата низ земјава, посебен белег годинава му даде Ѓорѓи Кузмановски, кој со своите 79 години беше најстариот учесник. Ова беше негово јубилејно 25-то учество, а Кузмановски, освен тоа што ги сака мотоциклите, секојдневно вози и велосипед. Кон крајот на минатиот месец во еден ден десетти пат ја извозел кружната трка околу Мавровско Езеро, долга 126 километри.
За сличностите и разликите на овие рели-трки низ Македонија во текот на годините, Кузмановски вели дека има значаен напредок од организациски аспект. Она што се забележува е и сѐ повеќебројното учество на мотоциклисти од земјава и од странство.
– Споредено со релито што се одржуваше пред 20-25 години, денес разлика се поскапите и полуксузни мотоцикли што ги управуваат учесниците, како и сѐ поголемиот број учесници од странство, кои годинава ги немаше во толкав број, поради пандемијата на ковид-19.
Иако имам речиси 80 години, ова рели не ми е воопшто проблем да го извозам, иако сум свесен дека во трите дена треба да поминам цели 800 километри по разни друмови и планини. И покрај поодминатата возраст, додека ме служи здравјето јас ќе бидам учесник на ова рели и ќе бидам рамо до рамо со другите и многу помлади мотоциклисти – истакна Кузмановски.
За да биде во добра психофизичка состојба секојдневно вози велосипед, независно од временската состојба.
– Не поминува ден без барем 10 километри. Најдобра потврда дека сум во одлична здравствена и физичка состојба е и десеттото учество на кружната трка околу Мавровско Езеро во должина од 126 километри, по што јас и еден мој пријател и колега на истите велосипеди продолживме да возиме и до Скопје, па пресметајте колку километри сум извозел само во еден ден. Покрај на домашното рели, во девет наврати сум учествувал и на меѓународни рели-натпревари во девет европски земји: Шпанија, Франција, Чешка, Словачка, Данска, Полска, Холандија, Германија и Италија и се надевам дека наскоро и по десетти пат ќе учествувам на некое од овие рели-трки во странство. Сум запознал многу љубители на мотоциклизмот, дружењето и природата ме мотивираат и понатаму да возам на вакви масовни рели-натпревари во земјава и во странство – додаде Кузмановски.
Во семејството негов вистински наследник е внукот Бојан Николовски, кој бил шампион на земјава во велосипедизам во јуниорска конкуренција и успешен триатлонец, кој постигнал одлични резултати во меѓународна конкуренција.