ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

Швајцарецот Марк Хирши првпат во својата кариера успеа да оствари професионална победа на престижната велосипедска трка Тур де Франс. Тој со извонредно соло-возење помина прв низ целта во 12-та и наедно најдолга етапа (218 км). Хирши (22) последните 28 км ги помина сам во водство. Возачот на Санвеб водеше повеќе од 80 км и во деветтата етапа во неделата, пред да заврши како трет.
Словенецот Примож Роглич ја заврши етапата во групата што доцнеше две и пол минути зад Хирши и го задржа водството во генералниот пласман со предност од 21 секунда пред бранителот на титулата Еган Бернал од Колумбија.

За Хирши ова е прв настап на грантур-трка, а на подиумот беше и по втората етапа, кога го освои второто место.
– Ова е неверојатно. Двапати бев толку блиску до победата. Никогаш не мислев дека токму денеска ќе победам. Не можам да ги опишам моите чувства. Во главата ги имав сликите кога на двапати загубив. На Пиринеите ја добив самодовербата дека можам да победам, оти никогаш немаше да тргнам соло-искачување – рече Хирши.