„Зборник за Кратово – книга прва“ е прво дело за Кратово од ваков вид, кое содржи патописи, песни, приказни, легенди и преданија, научни трудови, истражувања, делови од книги, пропагандни написи, исечоци од весници и фототипни страници од книги на бугарски и српски јазик во кои се споменуваат Кратово и неговата околина.
Книгата е научен труд на Никола Ристевски од Свети Николе.
– Пронајдов, прочитав и собрав многу стари книги за цела Македонија. Со ова дело сакам да го претставам и мистичното Кратово, еден од најстарите градови во Европа. Најголем дел од претставената литература пронајдов во дигитални збирки и библиотеки на Интернет, достапни за широка употреба, а користам и дел од книгите и записите од семејната библиотека. Упатувам благодарност до моите драги пријатели Домагој Николиќ и Стевче Доневски, кои ми овозможија одблизу да се запознаам со мистичниот кратовски регион – вели Никола.
Книгата започнува со дел од патописот на Евлија Челебија, а содржи записи од Ефрем Каранов, Стеван Симиќ, Јордан Иванов, Јован Цвијиќ, Павел Шатев и други автори.
– „Зборник за Кратово – книга прва“ завршува со пророштвата на старците од Кратово, кои исто така првпат се појавуваат во јавноста како дел од печатено издание. Пред еден век многу жители на регионот претскажале многу од нештата што веќе се случиле и се случуваат, а овде првпат се појавуваат во печатена форма. Следните зборници за Кратово се веќе во подготовка, содржат исечоци од книги на англиски, француски и руски јазик во кои се споменува овој регион, стари карти и мапи, спомени и сведоштва, фотографии и уште многу значајни информации за прекрасниот македонски град Кратово и неговата околина – додава авторот Никола Ристевски.