Истражувањето спроведено од Советот за регионална соработка во рамките на барометарот за јавното мислење во балканските земји покажало дека речиси половина од албанските граѓани сакаат да ја напуштат земјата.
На испитаниците од целиот Балкан им било поставено прашањето дали размислуваат да заминат на работа во странство. Притоа, 43 отсто од Албанците одговориле со „да“, 52 отсто одговориле со „не“, додека преостанатите одбиле да одговорат. Повеќето од оние што сакаат да заминат се квалификувани.
Истражувањето покажало дека жителите на балканските држави се склони да размислуваат за напуштање на својата земја.
– Први се косовските граѓани. Дури 48 отсто одговориле дека размислуваат да ја напуштат земјата и да работат во странство. Потоа следуваат граѓаните на Босна и Херцеговина – 44 проценти, додека помалку наклонети да заминат се Македонците – 39 отсто, а во Србија 32 проценти од испитаниците изјавиле дека сакаат да заминат од земјата.
Според истиот извор, албанските граѓани предничат и според бројот на баратели на азил. Повикувајќи се на последниот годишен извештај за состојбата со азилантите, објавен неодамна од Европската Унија, Албанија е прва во регионот и седма во светот според бројот на баратели на азил, со 26.000 лица.
Инаку, во периодот од 2013 до 2017 година околу 157.000 албански граѓани побарале азил во некоја од земјите-членки на ЕУ. Најголем број е забележан во 2015 година, или околу 69.000, додека следната година тој број е 33.000.
Споредено со бројот на жителите, произлегува дека на секои илјада жители бројот на азиланти е девет, со што земјата е на прво место во светот, ако се има предвид дека вкупната популација изнесува 2,87 милиони.