Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави денеска дека апсењето на петмината Срби на Косово е непријателски акт и дека таквите чекори го рушат дијалогот меѓу Белград и Приштина.

– Ова е бојкот на дијалогот, бидејќи тие не сакаат дијалогот да успее и мислат дека некој на сила ќе ги натера Србите да го признаат Косово, изјави Дачиќ за РТС.

Тој порача дека Приштина треба да престане со провоцирањето на српскиот народ и на Србија.

– Албанците на Косово не се повеќе во можност да му се закануваат на никого, особено не на Србија и на Србите и тие не се повеќе миленичиња на меѓународната заедница. На сите им се преку глава и ова го кажувам врз база на официјалните разговори кои ги имам, кажа Дачиќ.

Според него, основен проблем на меѓународната заедница е непостоењето на желба на Приштина да се оди кон нормализација на односите.

Тој се осврна и на престојниот состанок меѓу претседателите на САД и Русија Доналд Трамп и Владимир Путин, со став дека на овој состанок нема да се разговара за Косово, како и дека е сигурен за посетата на Трамп на Србија во текот на неговиот мандат.

Дачиќ најави дека денес патува во „една земја“, без да наведе која, додавајќи дека „за ова треба да размислува Беџет Пацоли“.

Српските медиуми ја пренесуваат од вчера од Лондон, од самитот за Западен Балкан  информацијата од кабинетот на премиерката Ана Брнабиќ, дека косовскиот премиер Рамуш Харадинај два пати барал билатерална средба со Брнабиќ, по што дошло до кратка двеминутна средба меѓу нив, во која Харадија сакал да објасни дека не бил запознаен со сите детали и се извинил за апсењето на петмината Срби во Гњилане. Брнабиќ одговорила дека има впечаток како одмакнува дијалогот, дека Приштина станува се поагресивна, што нема многу да помогне.