Досега Македонија играше седум пати во квалификациите за европските првенства, шест пати се натпреваруваше за пласман на мундијалите и играше во првото издание на Лигата на нациите (ЛН). Утре Македонија деветти пат игра со Ерменија, овој пат во 1-то коло на втората сезона на ЛН
ФУДБАЛ – СО МЕЧОТ УТРЕ СО ЕРМЕНИЈА ВО СКОПЈЕ
Со мечот утре со Ерменија во Скопје (од 15 часот) во 1-то коло на втората сезона на Лигата на нациите (ЛН), македонската фудбалска репрезентација ќе го почне настапот во 15-то официјално натпреварување, по дебито во 1994 година во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 1996 година во Англија. Досега Македонија играше во седум квалификациски циклуси за ЕП, шест пати се натпреваруваше за пласман на светските првенства (СП) и играше во првото издание на ЛН во 2018 година.
Во досегашните 14 настапи најдобар пласман на црвено-жолтите во квалификации е забележан во минатиот циклус, за ЕП 2020, со освоеното трето место во групата.
Во дебито во Лигата на нациите, пак, Македонија беше прва во групата 4 и со тоа од лигата Д се пласира во лигата Ц за втората сезона на новото натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Македонија и Ерменија меѓу себе во Скопје играа и во 1-то коло од квалификациите за Светското првенство во 2006 година, кога Македонија победи со 3-0. Во групата 2 на лигата Ц ќе играат уште и репрезентациите на Естонија и на Грузија.
Во меѓусебните дуели Македонија и Ерменија се израмнети со по три победи и две ремија (по една победа на свој терен забележаа и во групата 4 во лигата Д во 2018 година). Во средбите со репрезентацијата на Естонија македонската селекција има три победи и една нерешен натпревар, а Македонија досега не играла со селекцијата на Грузија, со која треба да се сретне во второто коло, во вторник.
Во минатиот циклус на Лигата на нациите, репрезентацијата на Естонија во лигата Ц беше последна во групата 2 со четири бода, во лигата Д Македонија беше прва, Ерменија втора во групата 4, а победник на групата 1 беше Грузија. Во квалификациите за Европското првенство, кое од годинава е одложено за в година, поради пандемијата на коронавирусот, Македонија беше трета во групата Г со 14 бода, Грузија беше четврта во групата Д со осум бода, Ерменија беше петта во групата Ј со 10 бода, а петта беше и Естонија, со еден бод во групата Ц.