Исходот од преговорите помеѓу лидерите на Србија и на Косово во Белата куќа веројатно ќе биде разочарувачки. Дури и ако администрацијата на Доналд Трамп успее да издејствува спогодба врз основа на взаемно инвестирање и економска соработка, тешката задача за убедување на Србија да ги нормализира односите со Косово ќе и биде препуштена на Европската Унија, пишува „Форин полиси“.

Сегашните преговори се нејасни. Србија се преправа дека искрено е вклучена, а Косово се преправа дека има пат кон признавање. Потребната економска соработка, ако дојде до неа, нема да го смени тоа.

Без корекција на курсот, извесно е дека преговорите ќе девалвираат до истото прашање на „компензација“ на Белград за загубата на Косово, кое доведе до идејата за дестабилизирачка размена на територии што администрацијата на Трамп ја поддржа минатата година. За среќа, сега постои нов пристап инспириран од неодамнешната спогодба помеѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел. 

Наместо да ја прифати реалноста и да создаде пат за признавање на Косово, администрацијата на Трамп се фаќа за истото убедување за „економска нормализација“ кое го обезбеди нејзиниот т.н. договор на векот. Без разлика на обемот на предложениот економски договор, тој нема да ги трансформира односите помеѓу Србија и Косово. За разлика од изедначените економии на ОАЕ и Израел, косовската економија е премногу мала за да биде од значај за Србија. На крајот театралните разговори ќе продолжат додека српскиот претседател Александар Вучиќ волно ќе учествува во економските преговори што ќе ги пролонгираат преговорите.

Докажаниот метод за привлекување инвестиции претставува комплетирање на пристапниот процес за НАТО и за членство во ЕУ. Србија не може да влезе во ЕУ додека не ги нормализира односите со Косово, кое пак не може ниту да ги почне пристапните процеси или да влезе во меѓународниот систем доколку Србија не ја отстрани нејзината дипломатска блокада. Со други зборови, политичката пречка која администрацијата на Трамп ја избегнува – взаемното признавање, всушност е главна пречка за економскиот развој. А ниту далечното ветување за членство во ЕУ нема да го смени ставот на Србија во скоро време, додека Кина и Русија се покажуваат како подобри партнери за Вучиќ отколку Западот.

САД и ЕУ треба да создадат потполно нова рамка во која Србија веќе нема да може да го блокира влезот на Косово во меѓународниот систем, чија цел нема да биде казнување на Белград, туку да им овозможи на двете страни да преговараат на исто рамниште.

– Дијалогот помеѓу САД, ЕУ и НАТО за суверенитетот, територијалниот интегритет и човековите права би ги засилил меѓународните норми против сецесија, создавајќи простор за потполно признавање на Косово од страна на членките на НАТО и на ЕУ. Тоа би ја отворило вратата на Приштина за влез во НАТО, заобиколувајќи го руско-кинеското вето во Советот за безбедност и би го затворило косовското прашање – се заклучува во анализата на американскиот магазин.