Секој сектор има свој посебен влез, а гледачите нема да можат да поминат од еден во друг сектор. Публиката ќе биде распоредена на растојание од два реда и преку две седишта во ист ред и секој ќе мора да носи маска, рече Стефан Волф, управниот директор на арената во Кил
РАКОМЕТ – ГЕРМАНИЈА
Шампионот на Германија во ракомет, Кил, чека дозвола од Министерството за здравство на Германија да одигра пријателски натпревар пред одреден број гледачи за да се тестираат здравствено-безбедносните протоколи во услови на пандемија на коронавирусот, за играње пред публика во пресрет на почетокот на новата сезона во Бундес-лигата.
Противник на Кил во пријателскиот натпревар, планиран за средината на септември, ќе биде Нордхорн. На овој меч се очекува да присуствуваат 999 гледачи, кои ќе бидат поделени во седум сектори во арената во Кил, која има капацитет од 10.285 места.
– Секој сектор има свој посебен влез, а гледачите нема да можат да поминат од еден во друг сектор за да се намали ризикот од ширење на инфекцијата. Публиката ќе биде распоредена на растојание од два реда и преку две седишта во ист ред и секој ќе мора да носи маска – рече управниот директор на арената Стефан Волф.
Билетите за натпреварот ќе можат да се купат онлајн и секој билет ќе биде персонализиран со име и презиме. Сезоната во Бундес-лигата треба да почне на 1 октомври.
– Има различни правила во земјите за присуство на публика на натпреварите. Не е фер некои тимови да играат пред публика, а други не. Со тоа се нарушува ферплеј-конкуренцијата – вели управниот директор на Кил, Виктор Силаги.