Во случајот со младиот Никола Саздовски, чијшто живот, за жал, згасна прерано, јавноста е целосно и навремено информирана за активностите кои ги преземаа и се уште ги преземаат сите владини надлежни институции, стои во соопштението од кабинетот на министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.
– Владата на Република Македонија е пример за транспарентност, отчетност и одговорност кон граѓаните. Не постојат информации или какви било податоци кои се прикриваат или не се достапни за медиумите и граѓаните на Република Македонија. Министерството за внатрешни работи веднаш по несаканиот инцидент за настанот објави информација во дневниот билтен, а во наредните денови беа приведени и двајца од тројцата сторители, се наведува во соопштението.
Воедно, се повикуваат сите државни институции да ја завршат постапката во однос на случајот транспарентно и со целосна посветеност во интерес на правдата.
Од Владата, истовремено, упатуват сочуство кон семејството на починатото момче.
Се апелира и до сите граѓани да се почитуваат различностите, да не се употребува говор на омраза, кој директно ја поттикнува спиралата на омраза.
– Крајно некоректно е трагичната смрт на Саздовски да се користи за политичко профитирање- стои во соопштението од кабинетот на министерот Поповски.