Началникот на одделението за увид на место на настан при СВР Скопје, Горан Милошевски, на денешното судско рочиште даде исказ во предметот ,,Монструм”, за неговата поврзаност со возилото „опел омега” најдено во местото Враживир.
– На 13 април бев на работа од 7 до 15 часот. Од никого не добив дојава дека возило е најдено во Враживир. Од старешината Владо Мирчевски, добив сознание дека во Враживир најверојатно е пронајдено возило поврзано со настанот на 12 април – рече Милошевски, посочувајќи дека воопшто не го видел возилото.
Тој објасни откаде одделението за увид на место на настан добива дојави и што е нивната надлежност.
– Ние добиваме дојави од Центарот за известување и командување. Наша надлежност е за увид на место на настан. Има други служби кои обработуваат оперативни сознанија – нагласи Милошевски.
Одбраната на обвинетите во меѓувреме поднесе листа на предложени докази кои треба да се презентираат на следните рочишта, а меѓу сведоците кои ги предлага е и Миле Јанакиески, во врска со разговор поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Следното рочиште е закажено за 31 август.
Судењето за овој предмет го води судската двојка Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинените го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски во април 2012 година обвинети се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ (во бегство) и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд пред три години ги укина пресудите и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.