Mандатите на пратениците кои доаѓаат на местото на идните министри во владата беа верификувани доцна синоќа, на долгата собраниска седница со неколкучасовни паузи. Оставките на идните министри беа констатирани поединечно, а пратеничките мандати беа верификувани по добивањето на извештајот од Државната изборна комисија.
ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од Левица ја напуштија собраниската седница со образложение дека се постапува неделовнички, а потоа тоа го сторија и пратениците од Алијанса на Албанците и Алтернатива со образложение дека поминале 12 часа во Собранието, барајќи седницата да продолжи денеска. Претседателот на Собранието Талат Џафери даде објаснување дека парламентот ќе работи додека има мнозинство.
СДСМ, пак, излезе со став дека опозицијата со ваквото однесување сака да создаде ситуација во која нема да бидат верификувани мандатите на новите пратеници.
Најавите од мандатарот Зоран Заев се дека предлогот за новата влада ќе биде поднесен веднаш штом биде верификуван мандатот на новите пратеници и биде утврден бројот на потпретседатели на Собранието, прашање кое останува отворено. Новата Влада ќе има 19 министри, наместо досегашните 26 министри.