Регионалната економска зона и изградбата на автопатот Ниш – Приштина, според српскиот претседател, се од големо значење за Западен Балкан поради што тој ја замолил германската канцеларка, со својот авторитет и углед, да ја забрза реализацијата на овие проекти
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера телефонски разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел за состојбата во регионот и за мигрантската криза, информираа од неговиот кабинет.
Во разговорот Вучиќ ѝ пренел на германската канцеларка Меркел дека смета оти Регионалната економска зона и изградбата на автопатот Ниш – Приштина се од големо значење за Западен Балкан и ја замолил, со својот авторитет и углед, да ја забрза реализацијата на овие проекти.
Вучиќ ја издвоил Регионалната економска зона како проект од клучно значење за иднината на Србија и на целиот регион, бидејќи би привлекла повеќе инвестиции и би го забрзала протокот на луѓе, стоки, капитал и на услуги.
Двајцата соговорници разговарале за регионалната соработка во пресрет на самитот на Берлинскиот процес во Лондон, за да ги согледаат можностите од резултатите на самитот и нивната примена на Западен Балкан, за унапредување на соработката во регионот.
Вучиќ и Меркел разговарале и за дијалогот меѓу Белград и Приштина и се согласиле дека разговорот е неопходен и дека зачувувањето на мирот и постигнувањето компромисно решение се од клучно значење за двете страни.
Двајцата соговорници разговарале и за мигрантската криза, како и за мерките што Србија ги има преземено и што ќе ги презема во иднина, со што би се продолжила одговорната политика кон тоа прашање, се наведува во соопштението од кабинетот на српскиот претседател.
На самитот во Лондон учествува српска делегација предводена од премиерката на Србија Ана Брнабиќ и од шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ.