Лидерите на Косово и на Србија ќе се состанат во Белата куќа на 4 септември, откако слична средба беше откажана во јуни по обвинението на косовскиот претседател Хашим Тачи за воени злосторства. Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Роберт О’Брајан, ќе биде домаќин на разговорите со специјалниот претставник на САД за преговорите за Србија и Косово, Ричард Гренел.
Премиерот на Косово, Авдула Хоти, и српскиот претседател Александар Вучиќ, потврдија во август дека ќе се состанат во Белата куќа на 2 септември, откако Гренел ја објави веста за состанокот. Разговорите потоа беа одложени за два дена поради неусогласеност во датумот.
Претседателот на собранискиот Одбор за Косово и Метохија Милован Дрецун изјави дека светските лидери сфатиле колку е сложено прашањето за КиМ.
– САД не сакаат да биде настрана кога е во прашање решавањето на косовскиот проблем. Според мене, клучна е најавата за присуството на претседателот на САД Доналд Трамп на состанокот во Вашингтон. Постои одредена неизвесност дека на овој состанок може да биде наметната тема за која Србија не сака да разговара – изјави Дрецун за ТВ Пинк.
Првиот состанок на преставниците на Косово и на Србија во Вашингтон беше закажан за 27 јуни, но беше откажан по обвинението од Специјалниот суд против косовскиот претседател Хашим Тачи.