Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, Александар Николоски денеска се обрати на собраниската седница. Николоски пред своето излагања посака на Собранието успешна работа, и се надева дека од оваа зграда ќе излегуваат добри закони кои ќе го подобрат животот на граѓаните на Република Македонија.
– Денешниот предлог кој што го имаме тука пред нас за избор на претседател на Собранието е практично плод на политичкото договарање и на коалицијата која што ја слушнавме и се обзнани некаде пред два дена. Оваа коалиција која што е коалиција во најава, и коалиција би рекол на продолжеток, е коалиција на лагата – нагласи Николоски.
Тој додаде дека кога се оди на избори сите кандидати, одат се среќаваат со луѓето, разговараат, се даваат предлози и концепти што ќе се сработи во четиригодишниот мандат и се даваат ветувања. Но она што е најбитно треба сите кандидати да се држат до ветувањата кои ги имаат дадено за време на кампањата.
– Но за жал мислам дека мнозинството кое што се потпиша на оваа кандидатура денес го губи образот. Затоа што едните во кампањата зборуваа дека ќе прават друг вид на коалиција доколку победат, а мислам на СДСМ и нивните коалициони партнери, и дека ќе го пуштат ДУИ во опозиција. А, вторите зборуваа дека ќе направат коалиција единствено само и доколку добијат свој кандидат за премиер, односно за претседател на Владата. И едните и другите на тој начин добиваа гласови – потсети Николоски.