Државните удари не им се непознати на жителите на Мали. Во 1991 година оружените реагираа на протестите против Муса Траоре, диктаторот кој владееше со државата во Западна Африка од 1968 година. А и самиот Траоре предводеше пуч против неговиот претходник. Во март 2012 година, дел од војниците гневни поради начинот на справување на владата со бунтот на северот на државата го отстранија од власт претседателот Амаду Тумани Туре, пишува „Економист“.
Последниот државен удар кој се случи завчера, беше веќе виден. Тој уследи по месеци на протести. Слично како и настаните од 2012 година, почна со побуна во база во Кати, градот оддалечен 15 километри од главниот град Бамако. Војниците потоа го уапсија претседателот Ибрахим Бубакар Кеита, кој во видео-порака истиот ден ја објави соопшти оставка.
Со сите сличности, контекстот е различен сега, во однос на државните удари пред осум, 29 или 52 години. По пучот во 2012 година, исламистите го искористија политичкиот вакуум за да покренат напади врз северниот дел од Мали кој претставува две третини од територијата, што ја предизвика Франција да испрати трупи. По интервенцијата, Франција и регионалните африкански држави поддржаа мисија на Обединетите нации за заувување на мирот додека се одржаа избори и беше постигната нова политичка согласност во државата.
Кеита победи на претседателските избори во 2013 и во 2018 година. Беше постигнат договор помеѓу владата и бунтовничките групи на северот во 2015 година, последната од таквите спогодби кои датираат уште од почетокот на 90-те години. Но како и претходните, не успеа да го смири незадоволството.
Неспособната влада предводена од елитата од југот не стори многу за да го запре џихадистичкото насилство. Крвопролевањето не го запре ни присуството на 15 илјади мировници на ОН и на мисијата на ЕУ. Гневот кон начинот на кој владата се справува со конфликтот постепено растеше. Демонстранти излегоа на улиците по сомнителните парламентарни избори одржани во март и во април, за време на кои беше киднапиран политичар од опозицијата. Единствено не е јасно дали имаше соработка помеѓу војниците што го организираа државниот удар и групите кои ги предводеа протестите.
Африканските држави бргу го осудија воениот пуч. Тие ја делат загриженоста на Западот за влијанието на државниот удар врз насилството во Појасот Сахел. Тоа го сугерираат и настаните по пучот во 2012 година, заклучува „Економист“.