Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска во Парламентот во Анкара положи свечена заклетва за стапување на функцијата, со што официјално почна неговиот нов претседателски мандат и во исто време стапија во сила уставните измени со кои Турција се трансформира од парламентарна во претседателска република.

По полгањето на свечената заклетва пред пратениците со која се обврза на почитување на Уставот, Ердоган го посети мавзолејот на основачот на Турската Репубика и прв претседател на Турција, Мустафа Кемал Ататурк.

Подоцна попладнево во претседателската палата „Бештепе“ ќе се одржи и свечената церемонија на стапување на должност на Еродган, на која ќе присуствуваат 22 претседатели, 28 премиери и претседатели на парламенти.

Како што е најавено, вечерва Ердоган ќе го објави и составот на неговата Влада.

Според извори на претседателскиот кабинет, новата Влада ќе има 16 наместо досегашните 23 министри, како и девет високи комисии задолжени за различни сектори.

Со уставните измени, функцијата премиер се укинува и претседателот на државата, воедно е и шеф на владата.

Првата седница на новиот Кабинет ќе се одржи на 13 јули.

Ердоган беше реизбран за претседател на изборите на 24 јуни со повеќе од 52 проценити од гласовите и доби мандат да управува со земјата во следните пет години.

Се претпоставува дека на 15 јули, на двегодишнината од неуспешниот државен удар, Ердоган ќе ја укине вонредната состојба, како и дека ќе потпише указ со кој ќе биде укината забраната за патување во странство на околу 180.000 турски граѓани.