Уметничари и политичари

СКИЦИ ЗА ЧОВЕКОТ

Што е полошо од едноумието и од една партија? Две едноумија и две партии. Зошто? Затоа што на две места уметниците и интелектуалците, во една иста држава, ќе мора да отвораат фронт против, или да бараат милост од политичарите. Кога поминавме од социјализам на „демократија“, наместо да го укинеме едноумието, ние најпрвин направивме две едноумија („леви“ наспроти „десни“, „комуњари“ наспроти „националисти“, а сега веќе и „Европејци“ наспроти „сељачишта“). Потоа направивме онолку едноумија колку што има партии, зашто секоја партија функционира како во себе затворена тоталитарна структура. А повеќе едноумија не даваат хетероглосија, туку монолози.

Од антиката до денес уметниците (под нив ги подразбирам во колумнава и интелектуалците, мислителите) отсекогаш или биле во милоста на моќниците или воделе жестока битка против нив, што најчесто завршувала со кинење на главата. Можеби најпознат светски пример за уживање во меценството е генијот Гете и неговиот ексклузивен третман на Вајмарскиот двор. Спротивен пример, за војна со политичарот е Томас Мор, кој не се откажа од своите идеи ни по цена на секира во вратот, во Тауер Хил. И во новата доба, именувана како демократија, уметниците, иако автономни на хартија, се зависни од политичарите. Уметниците се, сакале или не – уметниЧАРИ, а политичарите си остануваат политичари. „Независните“ академии на науки и уметности секаде се финансираат од државата. Директорите на културните институции не се избираат однатре, од самите уметници, туку од власта. Има илјада примери за таа зависност.

Познато е дека политичкото и уметничкото не се по природа смртни непријатели. Во социјализмот, уметниците и политичарите знаеја да седат и на иста кафеанска маса, особено по промоции на книги, театарски претстави и концерти, по отворања изложби или фестивали. Освен тоа, дури и првокласни уметници и интелектуалци често знаеле да запловат во политиката. Но вистинските уметници и интелекти, на кои не им ни требале политички патерици за претходно да стекнат висок уметнички рејтинг, излегувале од тие авантури со „непроменета уметничка хемија“, како катализаторите во хемијата: влегуваат во хемиски процес во кој не учествуваат, туку само го забрзуваат. Гане Тодоровски, на пример, беше амбасадор во Москва во времето на СДСМ на Бранко Црвенковски; но тој духовен и уметнички атлет се врати онаков каков што и замина, а замина со критичка колумна против истиот тој Црвенковски, кој, пак, имаше доблест, и покрај критиката, да го прати во Москва.

Освен тоа, Тодоровски и пред заминувањето во Москва, сета своја поезија ја напиша во жесток критички клуч кон политичкото, па пеејќи за гастарбајтерката од неговата улица го испиша и ова: „Уште петиците да им ги оближеше / На оние мижитрепкај празноглавци / Дебелогазевци арамолепци севезден што им се дреме / Мршојадци сештојадци никаквеци доушници / До што да беше конкурс ај трчај потпрашај / До кај да беше големец моли го та не домоли го.“ Да беше ова денес напишано, тешко дека писателот ќе добиеше средства за книгичка од Министерството, камоли дипломатски пасош. Оние другите, пак, на кои политиката им ја смени целосно хемијата, не ѝ се вратија на браншата воопшто. Останаа во политиката, адаптирајќи се кон новите правила на игра: некои (како Љубчо Георгиевски, кој почна како амбициозен поет што сакаше да го скандализира јавниот вкус) остварија врвна политичка кариера, без разлика како ја вреднуваме од политичка и етичка гледна точка денес.

Но нема недоумица: во социјализмот уметниците УШТЕ значеа нешто за политичарите и не беа уште уметниЧАРИ. Тоа траеше и подоцна, во годините на првата „демократизација“, пред да се забетонираат оние две партиски едноумија. Нашите легендарни професори по книжевност (Миодраг Друговац, Слободан Мицковиќ, Георги Сталев, Гане Тодоровски, Атанас Вангелов) знаеја да ни раскажуваат случки што личеа на хагиографии: чуда што уметниците ги правеле, измолувајќи ги политичарите за разни придобивки на фелата. Велат дека и на политичарите им трепереле колената кога некој врвен уметнички авторитет ќе се јавел на црниот еднопартиски телефон во ЦК да се поплаче на статусот на уметниците. Не им било пријатно кога Блаже Конески, како претседател на Друштвото на писателите, или како претседател на МАНУ ќе се јавел да каже дека со хонорарот од една поетска збирка некој наш врвен поет не може да си ги плати сметките за вода, на пример. Или дека е бездомник. И велат дека таквите јавувања давале резултат: се добивале и станови „гратис“. Денес не можеме да стигнеме ни до телефонскиот оператор во министерствата, камоли до некој од кабинетот на министерот; министерот ни е достапен само ако ни е пријател од пред ракоположението, иако искуствата покажуваат дека и тоа не е сигурно.

Во тој социјализам, кога некој од уметниците поради „волунтаризам“ ќе беше ставен на „црната листа“ на ЦК СКМ, делегација највидни „патријарси“ – писатели, академици, филмаџии, театарџии, сликари, одеше „на поклонение“ во „коцките“ крај Вардар, за да положи колективна гаранција дека „сомнителниот“ со својата уметност немал намера да дејствува субверзивно „по државата и уставниот поредок“. Тие „колективни гаранции“ помагаа во најголем број случаи, под услов „дисидентот“ да замолчи некое време. Кога тоа првпат НЕ се случи, беше јасно дека уметничкото братство е веќе длабоко разединето и партизирано од оние две едноумија од почетокот на колумната. А се случи врз примерот на еден од нашите најголеми поети Јован Котески, кој апсурдно и цинично беше обвинет, како кршлив лиричар, за уривање на државното уредување со – бомби?!
Тогаш ѓаволот ја однесе шегата и беше јасно дека ниту уметничкото братство, ниту политичката братија не се веќе самите по себе она што беа, а камоли да бидат, онака однатре поделени, во меѓусебни односи на некакво пријателство.

Таа некогашна толеранција денес е претворена во војна: кој како дојде им симнува театарски претстави од репертоар на оние автори што се сметаат „од другиот табор“, се чуваат филмови во бункер зашто настанале „во доба на претходните“, се прекинуваат филмски проекти што добиле поддршка „од претходната влада“… Порано се сметаше дека политичарите им ја сечат главата на уметниците; денес, иако зад тоа повторно стои политиката, уметничка глава паѓа само од „уметничка“, политички „потурчена“ рака. Главосечачи се најсилните уметниЧАРИ, чија уметничка хемија исчезнала со партизацијата. Пријателството меѓу политичарите и уметниците, кое не се потпираше на наемнички однос, траеше и по осамостојувањето.

Се сеќавам дека во моите дваесет најубави уметнички години, главно посветени на македонскиот театар, на моите претстави редовно доаѓаше (само еден пример), без никаква помпа и службена придружба – Тито Петковски. Знаеше најотворено да ми каже дали му се допаднала претставата или не. Последниот пат ми рече: „Добро Венко, зарем е сѐ толку црно, како што прикажуваш?“ Му реков дека, за жал, мислам дека имам добар уметнички вид. Се сеќавам дека ми рече: „Тогаш ние, политичарите, треба да се загрижиме. Сериозно, сериозно да се загрижиме“. Денес од таа ИСКРЕНА загриженост за тоа како политичарот изгледа во огледалото на уметникот, останаа само пет празни редови во публиката, поради безбедност на политичарот, кога доаѓа на некој културен настан. Како уметникот да е вирус полош и од короната. Или бомбаш. Од последниот, најлош ред и сој.